Admir Fazlagic
27 Април 2016•Ажурирај: 28 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - Делегацијата на Вооружените сили (ВС) на Словачката Република, предводена од началникот на ГШ на ВС на Словачката Република генерал Милан Максим, која се наоѓа во дводневна официјална посета на Република Македонија и Армијата на Република Македонија денес во Генералштабот (ГШ) на АРМ, по пречекот со високи воени почести оствари средба и официјални разговори со Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски и клучниот персонал од ГШ на АРМ, соопштуват од Канцеларија за односи со јавноста во ГШ на АРМ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како се наведува во соопштението на средбата и официјалните разговори на кои се презентираа учеството на АРМ во мировните мисии предводени од ОН, НАТО и ЕУ, како и можностите за меѓусебна воена соработка беше истакната важноста на оваа за прв пат остварена средба која се одржува на вакво високо ниво помеѓу Началници на генералштабови на двете армии.
„Помеѓу останатото акцент беше даден на продлабочување и интензивирање на билатералната армиска соработка преку учество на заеднички воени вежби, курсеви како и понуда за користење на капацитетите со кои располагаат армиите на двете земји. За време на престојот во Генералштабот, генералот Максим покрај средбата со Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски оствари средба и со министерот за одбрана Зоран Јолевски", соопштуваат од ГШ на Армијата на Република Македонија.

Во текот на утрешниот ден генералот Милан Максим, според известувањето, ќе биде примен и од претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, а делегацијата ќе ги посети Центарот за обука на пилоти и реонот на караулата Богородица на македонско-грчката граница, каде ќе имаат прилика да се запознаат со активностите кои единиците на АРМ успешно ги извршуваат во поддршка на единиците на МВР при справувањето со предизвиците од мигрантската криза.