Senada Ibraimova
14 Октомври 2016•Ажурирај: 15 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) – Денес, во просториите на Институтот „Јунус Емре“ – турски културен центар, Скопје, во присуство на министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, заменикот на началникот на Генералштабот на АРМ, генерал Мухамед Рацај и турскиот воен аташе во Скопје, потполковник Хасан Филиз, на курсистите од АРМ им беа доделени сертификатите за завршено А1 ниво по турски јазик, јавува Anadolu Agency (AA).
Сертификатите за завршен прв степен по турски јазик на осумтемина војници им ги доделија заменик-директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Фуат Коркмаз, министерот за одбрана Зоран Јолевски и заменикот на началникот на Генералштатобот на АРМ, генерал Мухамед Рацај.
По доделувањето на сертификатите, министерот Јолевски даде изјава во која ја изрази благодарноста на Министерството за одбрана и АРМ за можноста, како што рече, македонските војници да го изучуваат турскиот јазик, и додаде дека соработката меѓу Македонија и Турција е на одлично ниво.
„Имаме можност нашите офицери и војници да ги испраќаме на обука во Турција. Со изучувањето на турскиот јазик овде во Македонија, се отвораат уште повеќе вратите за вакви обуки и соработка. Ние имаме наши офицери, кои се во рамките на Турскиот контингент во Авганистан, во Кабул, во мисијата ’Одлучна поддршка’, и се разбира, знаењето на турскиот јазик ќе им помогне во извршувањето на работните обврски“, изјави министерот Јолевски.
Јолевски истакна дека Турција во многу форми ѝ помага на Македонија, со курсеви и обуки, но и со технички-материјални средства. „Ни даваат несебична, целосна, безусловна поддршка за нашата интеграција во НАТО“, истакна Јолевски.
Заменик-директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Фуат Коркмаз, нагласувајќи дека Турција ѝ помага на македонската армија на секое поле, во својата изјава рече: „Ние, како институт, го покриваме образовниот дел, особено во изучувањето на турскиот јазик. Денес, во присуство на министерот за одбрана на РМ, им ги доделивме сертификатите на осумтемина војници, како резултат на минатогодишниот шестмесечен курс по турски јазик“.
Еден од војниците-курсисти, Драган Митев, обраќајќи се на турски јазик, изјави дека е многу задоволен од спроведениот курс.