Ivana Ramadanova
04 Април 2016•Ажурирај: 05 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје денеска беше одблежан Денот на НАТО, односно денот кога пред 67 години беше формирана Северноатлантската алијанса, јавува Anadolu Agency (AA).
На свеченоста во Домот на АРМ, се обрати министерот за одбрана Зоран Јолевски, кој исткана дека солидарноста мора да биде клучна по неколкуте терористички напади кои ја потресоа јавноста, додавајќи дека по ваквите чинови е потребен брз и одлучен одговор од страна на земјите членки на НАТО. Одговор на овие предизвици, според Јолевски е проширување на зоната на слободни демократии.
"Убеден сум дека на Самитот на НАТО во Варшава, земјите членки ќе најдат начин високо во агендата да го стават проширувањето на Алијансата. Република Македонија останува силно посвететена на евроатланските интеграции. Членството во НАТО ќе придонесе за понатамошно јакнење на безбедноста и стабилноста што посебно ќе влијае врз деловната клима, економскиот раст, развојот и благосостојбата на нашите граѓани", рече Јолевски.
Јолевски се надева дека на Самитот во Варшава, Грција ќе ја почитува пресудата и препораката на Меѓународниот суд за правда. Тој додаде дека Македонија ќе остане посветена на реформите, бидејќи, како што рече, тие се потребни за граѓаните и просперитетот на државата.
На одбележувањето беше присутен и американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, кој истакна дека членството на Македонија во Алијансата сè уште не е завршена работа, додавајќи дека САД ја поддржува Македонија за членство во НАТО.
"Македонија го поддржува членството на Црна Гора во НАТО, но со тоа доаѓа и едно прашање - кога Македонија ќе ја добие поканата. Знаете дека САД силно го поддржуваат македонскиот пат кон членството и ни пречи што овој процес не е забрзан. За тоа има решение во трите сегменти: односите со Грција, воените капацитети и постигнувањето на демократските вредности", истакна Бејли.
Според турскиот амбасадор во Македонија, Омур Шолендил, НАТО многу придонесува за надминување на бегалската криза во Егејот, не само на безбедносен туку и на хуманитарен план.
"Варшавскиот самит треба да донесе многу јасна порака, прво дека Алијансата е обединета во солидарноста, против сите предизвици кои што се јавуваат долж границите на НАТО. Сакаме да ја потврдиме политиката на НАТО на ,отворени врати'. Турција силно ја поддржува северноатланската перспектива на Македонија. Според нас, македонското членство е важно не само за стабилноста и мирот на оваа убава земја туку и за стабилноста на целиот регион", истакна Шолендил.
На одбележувањето што го организираше Министерството за одбрана и Евроатлантскиот совет на Македонија беа презентирани историјата, вредностите и целите на НАТО, како и значењето на евроатлантските интеграции за Република Македонија.
Денот на НАТО е настан што традиционално се одбележува во сите земји-членки на Алијансата, како и во земјите-партнери. На овој ден 1949 година, 12 земји, во Вашингтон го потпишаа Договорот со кој се конституира Северноатлантската алијанса.