Ivana Ramadanova
11 Јули 2016•Ажурирај: 12 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Делегацијата од Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави предводена од заменик помошникот на секретарот за одбрана на САД одговорен за Русија, Украина и Евроазија Мајк Карпентер, денеска оствари официјална посета на ГШ на АРМ и единици од составот на Здружената оперативна команда (ЗОК), јавува Anadolu Agency (AA).
За време на престојот во Министерството за одбрана и ГШ на АРМ делегацијата, во чиј состав беше и директорот на европските партнерски сили за задача од европската команда на армијата на САД, бригаден генерал Вилијам Хал, имаше работен состанок со началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски.
„На состанокот покрај презентацијата за активностите на АРМ поврзани со актуелната мигрантска криза, процесот на трансформација на АРМ и учеството во меѓународните мировни операции”, соопшти денеска ГШ на АРМ, се разговарало и за меѓусебната билатерална воена соработка.
Генералот Величковски изразил благодарност за сеопфатната воена поддршка која САД континуирано ја дава во јакнење на одбранбените капацитети и подигнување на подготвеноста на АРМ преку програмите и иницијативите за опремување, зајакнување на интероперабилноста, како и поддршка при учеството на единици на АРМ на меѓународни воени вежби.
Претходно, во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец делегацијата била запознаена со мисијата и задачите на ЗОК и вежбовните активности со посебен акцент на неодамна завршената вежба Анаконда-16 на која АРМ учествуваше со 157 свои припадници.