Husamedin Gina
24 Март 2019•Ажурирај: 25 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), во соработка со Меѓународниот балкански универзитет и Здравствениот дом - Скопје, денес го одржа вториот модул од вкупно четирите модули на семинарите по дефектологија, јавува Anadolu Agency (AA).
Координаторот на ТИКА - Скопје, Ајтекин Ајден, истакна дека првиот модул одржан минатиот месец бил многу успешен и дека на него учествувале над 500 лица.
„Како што знаете, првиот модул што се одржа минатиот месец беше доста успешен, и имаше над 500 учесници. И денес бројот на учесниците е многу голем. Учесниците кои ќе учествуваат на сите овие четири модули ќе имаат право да добијат сертификати“, нагласи Ајтекин Ајдин, координаторот на ТИКА во Скопје, потсетувајќи дека третиот модул ќе се оджи на 16 април, со учеството на професор Бинјамин Биркан, којшто многу придонесе во подготвувањето на целиот овој проект, додека четвртиот модул ќе се оджи во месец мај, кога ќе заврши и образовниот семинар.
Дениз Онур, образовен координатор на Фондацијата за аутизам „Анадолија“ од Измир, во својот настап на Образовниот семинар се осврна на темата „Дизајнирање на наставата и одредување на целно однесување“.
Дениз Онур истакна дека како експерт во оваа област, со лицата со аутизам работи околу 15 години.
„Кога ќе ја погледнеме светската статистика, Светската здравствена организација ни кажува дека на секои 59 деца, едно е дијагностицирано со аутизам. Затоа, ние како експерти, за сите поединци со аутизам треба да развиеме добро испланирани, добро измерени и добро оценети практики кои се базирани на докази“, нагласи специјалистката Дениз Онур, додавајќи дека нивната цел е всушност да се даде патоказ за да се зголеми квалитетот на животот на лицата со аутизам, а исто така и подобрување на квалитетот на животот на нивните семејства.
Д-р Бану Бахчеџи, терапевтски координатор на Фондацијата „Анадолија“, на денешниот Образовен семинар за дефектологија говореше на темата „Развој на јазични и говорни вештини кај лица со Даунов синдром и аутизам“.
На семинарот учествуваа голем број дефектолози, наставници од предучилишна настава, психолози, педагози, терапевти, социјални работници, логопеди, студенти од областа и заинтересирани семејства.