Балкан

Две децении од бомбардирањето на СР Југославија од страна на НАТО

Штетата предизвикана по бомбардирањето на СРЈ е проценета на околу 30 милијарди долари. Вкупниот број на жртвите официјално не е објавен, а проценките се движат меѓу 1.200 и 2.500 загинати...

Almir Terzic  | 24.03.2019 - Обновена : 25.03.2019
Две децении од бомбардирањето на СР Југославија од страна на НАТО

САРАЕВО (АА) - На денешен ден пред 20 години започна бомбардирањето на НАТО на Сојузна Република Југославија (СРЈ), која се состоеше од Србија и Црна Гора, а чие бомбардирање траеше 78 дена, пишува Anadolu Agency (AA).

Бомбардирањето на СРЈ траеше од 24 март до 1 јуни 1999 година. Тоа беше второ поважно воено мешање на НАТО на просторот на поранешна Југославија по бомбардирањето на позициите на силите на војската на босанските Срби околу Сараево и во деловите на БиХ кои беа под окупација на српските сили, во операцијата „Намерна сила“ 1995 година.

Акцијата на НАТО е завршена по потпишувањето на воено-техничкиот договор за повлекување на југословенската војска и полицијата од Косово.

Штетата предизвикана по бомбардирањето на СРЈ е проценета на околу 30 милијарди долари. Вкупниот број на жртвите официјално не е објавен, а проценките се движат меѓу 1.200 и 2.500 загинати и околу 5.000 ранети.

Причината за почетокот на бомбардирањето на тогашната СРЈ, всушност се случувањата кои се одвиваа на Косово, каде што уште во 1996 година започна судирот на војската на тогашната СРЈ и Албанците.

ЕУ кон средината на 1998 година ги прошири економските санкции против Белград поради српските акции на Косово, воведувајќи забрана за комерцијални летови на југословенските воздушни компании во сите 15 тогашни земји членки на ЕУ.

Тогашниот претседател на СРЈ, подоцна обвинет од Хаг, Слободан Милошевиќ, се согласи летото 1998 година да ги исполни поголемиот број од барањата кои светските сили ги поставија за да се стави крај на крвопролевањето на Косово, но наведе дека своите војници ќе ги повлече од Косово само по прекинувањето на тероризмот.

Но на самиот терен, на Косово, воените разорувања продолжија, па дури и се интензивираа.

Масакрот во Рачај означи пресврт во војната, бидејќи меѓународната заедница го изгуби трпението со агресивната политика на Милошевиќ и одлучи воено да интервенира за да се спречи понатамошната ескалација на насилствата на Балканот.

Американскиот дипломат Ричард Холбрук се состана последен пат со Милошевиќ во март 1999 година и му понуди последна шанса да го прифати договорот од Рамбује, по кој Косово би ја добило назад својата автономија. Ослободителната војска на Косово се разоружа, а мировните сили и НАТО се распоредија на тоа подрачје. Милошевиќ тоа го одби, што доведе до бомбардирање на СРЈ од страна на НАТО.

НАТО прво ги нападна целите во околината на Белград. Една од главните цели на силниот напад на силите на НАТО на поширокото подрачје на Белград беше аеродромот во Батајница. На удар беа и воените цели во општините Вождовац, Гроцка, подрачјето на Панчево и фабриката за авиони „Утва“, како и областите Ковин и Качарево.

Ракета на НАТО на 23 април ја погоди зградата на Радио-телевизија Србија и на 24 часа беше прекинато емитирањето на програмата. Во тој напад загинаа 16 вработени во РТС.

На 7 мај ракети на НАТО завршија и во зградата на кинеската Амбасада во Белград, каде што загинаа тројца кинески новинари, што предизвика протест во Пекинг. НАТО се извини, наведувајќи дека за сето тоа е виновна застарената карта на градот Белград, и дека Амбасадата не била гаѓана намерно.

За време на бомбардирањето на Србија, авионите на НАТО изведоа 38.000 лета, главно напаѓајќи српски воени објекти и магацини во близина на Белград, Ниш и Нови Сад.

Авионите на НАТО бомбардираа и неколку воени цели во Црна Гора, па така неколку бомби паднаа на воен аеродром во близина на Подгорица. Кај Даниловград е погоден и еден воен објект, како и воени цели меѓу Бар и Улцињ и помеѓу Будва и Суто Море.

Првите денови од бомбардирањето на НАТО во Косово одекнаа петнаесет експлозии, северно од Приштина, како и две експлозии што се случија во центарот на Косовска Митровица. Така беше погодена и големата касарна во Урошевац на југот на Косово, која војската на СРЈ ја користеше во воената кампања против косовските Албанци.

НАТО со проектили и борбени авиони секојдневно напаѓаше воени цели на просторот на цела тогашна СРЈ, гаѓајќи воени аеродроми, касарни и центрите за воздушна одбрана.

Додека траеја бомбардирањата на НАТО на целите во СРЈ, во исто време, Армијата на тогашна Југославија ги засили нападите во Косово. Така, на 25 март 1999 година се случи масакр во Велика Круша, каде што беа убиени 44 албански цивили, а следниот ден, на 26 март, масакр во Сува Река, каде што беа убиени 48 албански цивили.

Масакрот во Избица, во кој загинаа 120 Албанци, се случи на 28 март, а на 27 април се случи веројатно најголемиот масакр во селото Меја, каде што беа убиени над 200 Албанци.

Тогашниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ веќе првиот ден на почетокот од бомбардирањето ја критикуваше „политиката на конфликти со целиот свет“, предводена од тогашниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ. Ѓукановиќ побара од Милошевиќ да ја укине својата политика која создава невини жртви и се заканува на опстанокот на заедничката држава СРЈ.

Во исто време, тој ја повика меѓународната заедница да се воздржи од нови напади врз СРЈ, бидејќи, како што тврдеше, проблемот со Косово не може да се реши сосила.

Еден од бизарните обиди на Милошевиќ да излезе од кризата се случи на 12 април, кога југословенскиот Парламент ја прифати одлуката на Владата за пристапување на Белград кон Сојузот на Русија и Белорусија.

Милошевиќ, истовремено, испрати писмо до тогашниот претседател на Русија, Борис Елцин. Во него официјално беше побарано примање на СРЈ во Сојузот на Русија и Белорусија. Сепак, Москва не се согласи со идејата, нагласувајќи дека „прво треба да се реши ситуацијата во Косово“.

Иако војниците од тогашната СРЈ поставија макети на тенкови за да го измамат НАТО, штетите сепак беа уште поголеми, а пред крајот започнаа да се бомбардираат и енергетските станици во Белград, па така Слободан Милошевиќ на крајот го прифати условот за повлекување на југословенската армија и влегување на силите на КФОР во Косово.

Со тоа на 11 јуни 1999 година се заврши кампањата на НАТО. Околу 750.000 протерани Албанци потоа можеа да се вратат во Косово, но околу 100.000 Срби од страв го напуштија тоа подрачје.

Со интервенцијата на силите на НАТО, војската на Југославија се повлече од Косово, иако тоа остана дел од Србија.

Десет години подоцна, Косово прогласи независност и беше признато од повеќе од 100 земји членки на ОН.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın