свет

Новинари повредени во израелски напад врз бегалски камп во централниот дел на Појасот Газа

Медицински извори за Анадолу изјавија дека меѓу повредените е и фоторепортерот Сами Шехадех на кого му е ампутирано десното стапало, а тој исто така се здобил со различни рани по телото

Ikrame Imane Kouachi  | 12.04.2024 - Обновена : 20.04.2024
Новинари повредени во израелски напад врз бегалски камп во централниот дел на Појасот Газа Фото: Ashraf Amra/АА

ГАЗА (АА) - Одреден број новинари се повредени денес во израелски напад врз бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Појасот Газа, јавува Анадолу.

Медицински извори за Анадолу изјавија дека меѓу повредените е и фоторепортерот Сами Шехадех на кого му е ампутирано десното стапало, а тој исто така се здобил со различни рани по телото.

Дописникот од арапскиот канал на ТРТ е полесно повреден во израелскиот напад, соопштија извори од болницата Ал Акса.

Тие истакнаа дека уште еден новинар по име Мухамед ал-Савалхи, исто така е повреден откако шрапнел ја погодил неговата десна рака при друго израелско артилериско гранатирање во истата област.

Ова не е прв пат израелската Армија да гаѓа новинари во Газа за време на нејзината војна, што трае повеќе од половина година.

Најмалку 140 новинари се убиени како резултат на израелските напади од 7 октомври, според податоците на владината Канцеларија за медиуми во Газа.

Од четвртокот наутро, кампот Нусејрат сведочеше на интензивни израелски артилериски и воздушни напади, што се совпаѓа со најавата на израелската Армија за воена операција во областите северно од кампот во централниот дел на Појасот Газа.

Израел започна воена офанзива во Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври, во кој загинаа околу 1.200 лица.

Во израелските напади врз Газа што започнаа оттогаш загинати се над 33.600 Палестинци.

Израел воведе и целосна блокада на приморската енклава, оставајќи го нејзиното население, особено жителите на северна Газа, на работ на глад.

Израелската војна во Газа принуди 85 отсто од населението во енклавата внатрешно да се расели, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени, според податоците на Обединетите нации.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да гарантира дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.