Husamedin Gina
16 Јуни 2021•Ажурирај: 17 Јуни 2021
СКОПЈЕ
На утрешните разговори во Бугарија, доколку се постигне решение, би било добро, а доколку не, тоа ќе биде позитивен исчекор кон изнаоѓање решение на проблемот, веднаш по формирањето на политичката влада во Бугарија, истакна премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, најавувајќи ја утрешната посета во оваа земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска присуствуваше на отворањето на Градинката „8 Април“ во општина Шуто Оризари.
По официјалното отворање на градинката, премиерот Заев одговараше на новинарски прашања, осврнувајќи се на неговата утрешна посета на Бугарија.
Премиерот Заев, истакнувајќи дека утре во Бугарија ќе се сретне со премиерот на Бугарија, со претседателот и со лидерите на најголемите политички партии, рече дека не сака да ги крева очекувањата на граѓаните за решение на проблемот со Бугарија.
„Јас сум должен прво да ги кажам моите лични очекувања и да ги споделам со граѓаните, и ниту за себе сакам, ниту за нашиот народ, да ги кревам очекувањата повеќе од тоа што е реално. Зошто е реално? Поради тоа што во Бугарија во моментот нема парламент, ниту има политичка влада“, нагласи Заев.
Наведувајќи дека од бугарската страна има желба за разговор, премиерот Заев рече: „Имаме навистина квалитетен предлог од португалското претседателство, квалитетен за нас, квалитетен за Бугарија. Води грижа за двете страни.“
Потсетуваме, минатата година во месец март, земјите членки на Европската Унија (ЕУ) постигнаа согласност за почеток на преговори за приклучување со Албанија и Северна Македонија.
Коалициската Влада на премиерот Бојко Борисов, на Европската Унија ѝ приложи документ во кој наведе услови кои Владата на Северна Македонија треба да ги исполни. Подоцна, односно во ноември минатата година, Бугарија стави вето на преговорите за приклучување на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ).
По ветото на Бугарија, Владата на Северна Македонија во декември минатата година го именуваше поранешниот премиер Владо Бучковски за специјален претставник за Бугарија, со цел надминување на отворените историски и идентитетски прашања помеѓу овие две земји.