Edita Zecirovic
15 Јуни 2021•Ажурирај: 16 Јуни 2021
СКОПЈЕ
Премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев истакна дека не очекува проблемот со Бугарија да се реши на 22 јуни, кога треба да се одржи Советот за општи работи на Европската унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Заев денеска во Клубот на пратениците во Скопје со главниот и извршен директор и претседател на „ТАВ Аеродроми", Сани Шенер, присуствуваше на настан по повод доделување на првите договори од страна на ТАВ за инфраструктурни проекти на 23 општини во Република Северна Македонија. По официјалната церемонија, премиерот Заев одговараше на новинарски прашања, а притоа беше прашан за тоа како поминала неговата средба со бугарскиот претседател Румен Радев.
„Имам чувство дека на 22 јуни нема да се реши проблемот. Затоа што Бугарија има техничка влада и нема парламент, но не е невозможно да се реши проблемот. Зошто го кажувам ова? За да не ги кренам очекувањата на сите. Затоа што реалноста е дека во Бугарија на 11 јули имаат избори. Но истовремено, имам чувство на одговорност пред нашиот народ да кажам дека наша должност е да направиме сè“, изјави Заев.
Тој додаде дека состанокот со претседателот Радев беше многу важен.
Според Заев, ќе биде успех доколку би се склучил договор што би бил верификуван од следната политичка влада и парламент.
„Значајно е што и бугарската страна и нашата страна нема дилеми за постоењето, автентичноста и потврдата на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Тоа прашање не е на разговорите“, потенцираше Заев.
Потсетуваме, минатата година, во месецот март, земјите членки на Европска Унија (ЕУ) постигнаа согласност за почеток на преговори за приклучување со Албанија и Северна Македонија. Но, соседната Бугарија стави вето на Северна Македонија.
Коалициската влада на премиерот Бојко Борисов, на Европската Унија и приложи документ во кои наведе услови кои владата на Северна Макеоднија треба да ги исполни. Подоцна Бугарија стави вето на преговорите за приклучување на Северна Македонија во Европска Унија (ЕУ).
- Бугарија ја блокираше Северна Македонија на патот кон ЕУ
Бугарија на 17 ноември минатата година стави вето за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.
Во пресрет на одлуката за започнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, во септевмри 2020 година, Бугарија им испрати на земјите членки на ЕУ објаснувачки меморандум, со историски образложенија за „државната антибугарска идеологија“ во Северна Македонија.
Софија бара поддршка од нив за нејзиниот став во врска со македонскиот идентитет и јазик.
Во меморандумот се вели дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и дека се смета оти несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт што „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“.
Потсетуваме, на први август 2017 година помеѓу владите на Република Северна Македонија и Република Бугарија потпишан е Договорот за добрососедство, пријателство и соработка.
Според Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, меѓу Македонија и Бугарија, формирана е Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија, што треба да постигне согласност за историографските факти и документи кои се однесуваат на заедничките историски настани и личности.
По ветото на Бугарија, Владата на Северна Македонија во декември минатата година го именуваше поранешниот премиер Владо Бучковски за специјален претставник за Бугарија, со цел надминување на отворените историски и идентитетски прашања помеѓу овие две земји.