Admir Fazlagic
29 Октомври 2020•Ажурирано: 30 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Нема никакви отстапки од националните и државните интереси и нема преговори за нашиот идентитет. Ова го изјави претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски коментирајќи ги односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Денеска во претседателската Вила „Водно“ се одржа деветтата седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија со која претседаваше претседателот на државата, Стево Пендаровски, а по седницата тој со премиерот Заев одговараа на прашањата на новинарите.
Прашан да ги прокоментира наводите на медиумите дека „вчера Амбасадорскиот совет постигнал компромис дека Бугарија нема да го блокира одржувањето на меѓувладина конфереција ЕУ - Северна Македонија и ќе го признаат македонскиот јазик и идентитет, но Северна Македонија да ја призане наводната историска вистина дека јазикот и идентитетот базираат на бугарски корени", претседателот Пендаровски рече дека не е запознаен со овие наводи, но дека неговиот став е јасен.
„Јас немам никаква информација во оваа насока дека такво нешто е дебатирано а не пак дека е постигнат договор. Ставот сум го кажувал многу пати и јас и премиерот и министерот. Ставот е познат. Нема никакви отстапки, не може ни да има никакви отстапки од нациналните и државните интереси кои подрзбираат нема преговори за нашиот идентитет. Точка.", истакна Пендаровски.
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во врска со истото прашање рече дека нема информации за таквите тврдења, но потенцираше дека се согласува со ставот на претседателот Пендаровски, потенцирајќи дека преговори за македонскиот идентиетот и за македонскиот јазик нема и не треба да има.
„Бугарија е пријателска земја и јавно истакнува за признавањето на македонскиот јазик и македонскиот народ. Таа ја признава реалноста и јас верувам дека работните групи кои што работат и разговаааат, секако ќе ги изнајдат решенијата. Навистина очекувам од бугарскиот народ и од лидерството на Бугрија да направи конкретен и прецизен чекор за македонскиот јазик и македонскиот народ. Уште еднаш сакам да напоменам дека нема нов договор, нема анекс на договор (Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија), ние сме спремни одредени работи да појасниме, да ги допрецизираме, изјавиме, или како е тоа потребно", рече Заев.
Потсетуваме, во пресрет на одлуката за започнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, на 16 септември, Бугарија на земјите членки на ЕУ им испратила објаснувачки меморандум, кој се состои од шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија.