Admir Fazlagic
14 Ноември 2020•Ажурирај: 15 Ноември 2020
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, истакна дека не може да каже што очекува точно да се случи во наредните три дена во пресрет на Советот за општи работи на Европската Унија (ЕУ) закажан за 17 ноември, во однос на бугарската блокада на преговарачката рамка и првата меѓувладина конференција на ЕУ со Северна Македонија, што би требало да се одржи во декември, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шефот на македонската дипломатија, Османи, го изјави ова одговарајќи на новинарските прашања на прес-конференцијата на која говореше за активностите во областа на регионалната соработка и мултилатералната соработка, со посебен акцент на членството на Република Северна Македонија во Организацијата за црноморска економска соработка (BSEC).
Османи беше прашан од новинарите дали има напредок во врска со отворените прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија и дали ќе се постигне одредено решение во пресрет на Советот за општи работи на ЕУ.
„По однос на позициите, мислам дека и бугарскиот Парламент и бугарската Влада имаат усвоено резолуција и рамка за тоа како тие ги гледаат овие прашања. Се разбира во овој период разговаравме за позициите на двете држави и кои се можните приближувања. Постигнавме доста напредок во многу прашања, дури би рекол седум до осум прашања кои беа сензитивни за едната или за другата страна“, рече Османи и додаде:
„Меѓутоа, дали тоа е доволно за да се деблокира процесот не можам да кажам во овој момент, ќе работиме до последниот момент да аргументираме дека процесот на европските интеграции не е процес којшто е важен само за РСМ, туку и за Бугарија и за сите земји членки на ЕУ, пред сè и за кредибилитет на Унијата, но и за регионална динамика треба да се сретнеме во овие позиции во рамки на тоа што може да се разговара.“
Потсетуваме, на 6 ноември, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, информираше дека на состанокот на амбасадорско ниво КОРЕПЕР, на кој се разгледува преговарачката рамка, Бугарија ја блокирала првата фаза во усвојувањето на преговарачката рамка на Северна Македонија за пристапување во ЕУ.
Како што тогаш изјави премиерот Заев, со ова е прекршен членот 2 од Договорот за добрососедство со Бугарија. Според премиерот на Северна Македонија „тоа не значи дека шансите се изгубени, следуваат уште два состанока на амбасадорско ниво, по што ќе следи министерскиот состанок (ГАК) на 17 ноември“.