Admir Fazlagic
27 Јануари 2021•Ажурирано: 28 Јануари 2021
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, имаше обраќање на комеморативното одбележување по повод 27 јануари - Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот - 27 јануари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Република Северна Македонија, како одговорен и почитуван член на меѓународната заедница, редовно го одбележува овој ден. Стоиме простум и оддаваме почит на преку 6 милиони невини деца, жени и мажи, жртви на овој ужасен чин, меѓу нив и 7.144 Евреи од Северна Македонија кои своите животи ги загубија во логорот на смртта во Треблинка. Испраќаме порака дека го паметиме холокаустот, а сеќавањето на жртвите е наша трајна должност и обврска“, рече Османи во обраќањето.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија истакна дека „цивилизациска обврска е да се бориме против релативизацијата на злото“.
„Наша цивилизациска обврска е да се бориме, постојано и бескомпромисно, претворајќи го сеќавањето во акција, против релативизација на злото, искривоколчувањето на историјата, негирањето на фактите и вистината за холокаустот. Да кажеме гласно и јасно НЕ! - за антисемитизмот, расизмот, ксенофобијата и другите облици на нетолеранција“, истакна Османи.
Зборувајќи за важноста на холокаустот како една трагедија што не смее да се заборави, ниту пак овој ден да биде единствениот кога треба да се занимаваме со холокаустот, Османи нагласи:
„Сите ние треба и заеднички и индивидуално да работиме на ширење на универзалните вредности, зајакнување на социјалната кохезија, инвестирање во образованието и младите, на развивање и подигнување на свеста за вредноста на постоењето и почитувањето на сите различности во едно плуралистичко општество.“
На комеморативното одбележување коешто се одржа во форма на онлајн настан, свои обраќања имаа и претседателот на Собранието на Еврејската заедница во Република Северна Македонија, Радојка Хелман-Денковска, амбасадорот на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн, нерезидентниот амбасадор на Израел, Дан Оријан, како и Фахри Хисени, координаторот на регионалниот проект на Куќата на Ана Франк од Амстердам „Историја - лекции за сегашноста” од Младински образовен форум од Скопје.
Денешниов датум, 27 јануари, е денот кога е ослободен злогласниот концентрационен логор Аушвиц - Биркенау и со резолуцијата на Обединетите Нации од 1 ноември 2005 година, е востановен како меѓународен ден на сеќавање на жртвите од холокаустот, кој Република Северна Македонија традиционално го одбележува веќе повеќе години.