Уметникот Ебу Шавиш од Газа со поправка на музичките инструменти ја буди надежта скршена од војната
- Откако 25 години во Газа работел како калиграф и ковач, Ебу Шавиш во последните пет години ѝ се посветил на изработката на музички инструменти
Gülşen Topçu, Fadel A. A. Almaghari
26 Јуни 2026•Ажурирано: 26 Јуни 2026
photo: Hassan Jedi / AA
ГАЗА
Палестинскиот уметник и мајстор за уд, 54-годишниот Сухејл Ебу Шавиш, кој живее во бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа, преку изработка и поправка на инструментите се труди да им донесе малку радост на Палестинците и да му покаже на светот дека и покрај сè животот продолжува, јавува Анадолу.
Ебу Шавиш за време на израелските напади врз Газа бил принуден многупати да го напушти своето живеалиште, а денес во својата скромна и привремена работилница во бегалскиот камп Нусејрат изработува и поправа музички инструменти, пред сè, традиционалниот уд.
Фотографија : Hassan Jedi/AA
Откако 25 години во Газа работел како калиграф и ковач, Ебу Шавиш во последните пет години ѝ се посветил на изработката на музички инструменти.
Соочувајќи се со голем недостиг на дрво, но и со секојдневен мрак поради прекинот на електрична енергија, единствена искра што го мотивира да не се откаже е „желбата да ги направи луѓето среќни преку универзалниот јазик на музиката“.
- Поправа музички инструменти за да покаже дека животот продолжува -
Поради војната веќе не можел целосно да ја извршува својата професија од која долги години заработувал, па наместо производство, решил да продолжи со поправка на музичките инструменти, како уд, бузуки и гитара, а досега поправил околу 60 удови.
Разорните напади што уништија илјадници домови го принудиле многупати да го смени местото на живеење, но и понатаму работи и поправа инструменти.
Фотографија : Hassan Jedi/AA
„Младите ги носат удовите што им се скршиле во војната. Јас ги поправам. Тие сакаат да пеат и да бидат среќни. Тоа го сакам и јас“, вели тој.
Зборувајќи за огромните тешкотии со кои се соочува, Ебу Шавиш вели: „Бидејќи не може да користиме електрични алати, нема електрична енергија, инструментите ги поправаме рачно. Исто така, не може да најдеме ни дрво за изработка на уд.“
Ебу Шавиш рече дека користел дрвени гајби, кои се употребуваат за транспорт на хуманитарна помош, како материјал, но му било многу тешко да ги пренамени.
Фотографија : Hassan Jedi/AA
„Ова го правам за да продолжи животот. Ние не ги сакаме смртта и уништувањето, ние го сакаме животот. Секаде во светот луѓето живеат во мир и среќа. И ние сме дел од овој свет, не сме ништо помалку или повеќе од нив“, вели Ебу Шавиш, покажувајќи ја својата длабока приврзаност кон животот, дури и тогаш кога се чувствуваат заборавени од целиот свет.
Музиката е најубавиот јазик на светот, вели Ебу Шавиш, кој ќе продолжи да се бори да ја донесе музиката до секој дом и до секого.