Şeyma Erkul Dayanç
20 Јули 2026•Ажурирано: 20 Јули 2026
Климатските промени придонесуваат за зголемување на нивото на приземниот озон и покрај подобрувањата во квалитетот на воздухот, соопшти Швајцарската академија на науките (SCNAT) во извештајот објавен денес, објави „Свисинфо“, пренесува Анадолу.
Од Академијата истакнаа дека сè почестите топлотни бранови, проследени со топло, сончево и суво време, создаваат услови што одат во прилог на формирањето озон во близина на земјината површина.
За разлика од озонската обвивка во горните слоеви на атмосферата која ја штити Земјата од штетното ултравиолетово зрачење, приземниот озон може да го иритира респираторниот систем, да ги оштети растенијата и да придонесе за глобалното затоплување.
Од Швајцарската академија на науките (SCNAT) наведуваат дека Швајцарија ги намалила емисиите на загадувачи што создаваат озон преку поригорозни еколошки правила, но границите на озонот и понатаму се надминуваат поради сложените атмосферски процеси и влијанието на климатските промени.
Во извештајот се наведува и дека закрепнувањето на заштитната озонска обвивка сè уште е бавно, додека глобалните емисии на азотен оксид, супстанција што го уништува озонот, продолжуваат да растат поради зголемената употреба на вештачки ѓубрива.
Според Академијата, Швајцарија управува со најдолгиот континуиран систем за следење на озонот во светот, што започнал во 1926 година, а денес го одржува Сојузната канцеларија за метеорологија и климатологија (MeteoSwiss).