Филцот како уметност: Турска уметница ја пренесува традицијата на новите генерации
- Сагламер за Анадолу раскажа дека со уметноста за изработка на волнен филц се занимава повеќе од 20 години и создава слики, уникатна облека и прекрасни декоративни елементи
Ayşe Yıldız
27 Јуни 2026•Ажурирано: 27 Јуни 2026
photo: Orhan Çiçek / AA
АНТАЛИЈА
Нур Сагламер, уметница за изработка на филц признаена од Министерството за култура и туризам на Турција, својот дом во околијата Кумлуџа, во Анталија, го претворила во работилница, каде што создава прекрасни дела со кои се обидува оваа традиционална уметност да им ја пренесе на идните генерации, јавува Анадолу.
Сагламер, сликарка, писателка и дизајнерка, се откажала од кариерата во Истанбул и во 1999 година се доселила во едно планинско село во Кумлуџа. Таа со години ја негувала оваа уметност во работилницата во рамките на хотелот што го поседувала.
Откако се повлекла од туристичкиот бизнис, Сагламер го претворила својот дом во креативно ателје за изработка на филц. Но покрај уметноста со филц, таа создава и уметнички дела на платно, камен и дрво инспирирана од природата и митологијата.
Како носител на признанието од УНЕСКО за чувар на нематеријалното културно наследство, Сагламер целосно ѝ се посветила на уметноста на изработка на филц како едно од најважните наследства на номадската култура во Централна Азија, која денес е на раб на исчезнување.
Фотографија : Orhan Çiçek/AA
Претворајќи го занаетот во уметност, таа изработува слики, облека, додатоци и декоративни предмети од волнен филц, минувајќи поголем дел од денот во својата работилница. Користи традиционални методи за обработка на овчата волна и ја претвора во уникатни производи што ги претставува пред домашните и странските посетители.
Сагламер за Анадолу раскажа дека со уметноста за изработка на филц се занимава повеќе од 20 години и создава слики, уникатна облека и прекрасни декоративни елементи.
Овој материјал е целосно природен и не ја загадува природата, вели уметницата.
Фотографија : Orhan Çiçek/AA
„Ова е наследство од нашите предци. Јас го изработувам ова од почит кон нив, но и кон природата. Искрено посакувам луѓето многу повеќе да го користат филцот во секојдневието. Исто како памукот, свилата и ленот, така и волната воопшто не ѝ штети на природата. Наша должност е да ја модернизираме традицијата на филцот со тоа што ќе додадеме нешто ново во неа и така да ја носиме кон иднината. Оваа уметност не смее да исчезне. За да ја одржам во живот, волонтирам во училиштата и држам обуки за децата. На покана одам и во здруженија и фондации за да им раскажувам на луѓето бидејќи филцот мора да живее. Ако еден народ ги изгуби своите традиционални вредности, својот јазик и своето минато, тој престанува да биде народ. Јас му придавам огромно значење на тоа.“
– „Странските туристи покажуваат огромен интерес, љубопитни се и имаат посебни нарачки“
Уметницата ја претставува оваа уметност преку учество на Фестивалот на културниот пат и на Свеченостите на живото наследство, кои ги организира Министерството за култура и туризам, а во минатото во работилницата во рамките на хотелот на посетителите им ги прикажувала сите фази од изработката на филц.
Домашните и странските туристи покажуваат голем интерес за оваа традиција, вели таа и додава: „Туристите се многу љубопитни. Одвреме-навреме има и специјални нарачки. На пример, членовите на една музичка група побараа да им изработам специјални футроли од филц за нивните инструменти, украсени со традиционални турски мотиви. Вакви барања ме прават неизмерно среќна.“
Фотографија : Orhan Çiçek/AA
Филцот е многу мек материјал, спротивно на она што многумина мислат, вели Сагламер, од него може да се изработат различни нешта, како што се килими, перници и палта.
Посочувајќи дека волнениот филц е одличен природен изолатор, уметницата рече:
„Филцот не пропушта ниту топлина ниту студ, па затоа може спокојно да се користи и во летните месеци. Многу ми е жал што овој материјал досега не го доби потребното значење. Всушност, станува збор за бесценет дар што ја штити природата и дава огромен придонес за еколошкото рециклирање. Отворам изложби во многу места во Турција. Особено голем интерес будат моите слики од филц што ги обработуваат древните прототурски цивилизации. Луѓето со восхит гледаат во нив и едноставно не можат да поверуваат дека тие прекрасни релјефи се направени само од волна и филц.“
За да се изработи еден производ понекогаш се потребни и 20 дена, вели таа, бидејќи волната со денови рачно се обработува со вода и сапун, а процесот на сушење е од клучна важност за издржливоста на финалното дело.