Во северниот сириски град Алепо, мајсторот за изработка на традиционалниот инструмент уд, Ибрахим Сукар, повеќе од три децении со љубов го негува овој занает. Денес, работејќи рамо до рамо во истата мала работилница со својот син, тој ја пренесува оваа уметност како скапоцено семејно наследство и културно богатство на својот град, јавува Анадолу.
Сукар, кој инаку е дипломиран машински инженер при Универзитетот во Алепо, ја открил својата пасија кон удот во втората година од студиите, што започнало како обично хоби, а со текот на времето прераснало во негова животна професија.
Користејќи ја својата инженерска поткованост во оваа уметност, Сукар на почетокот се занимавал само со поправка на инструментите, за подоцна храбро да започне и со сопствено производство.

Благодарение на врвниот квалитет на инструментите, прецизната рачна изработка, совршениот баланс на звукот и дизајните што верно ја чуваат традиционалната форма, тој со текот на времето се здобил со големо признание во музичките кругови и освоил бројни награди на реномирани фестивали.
Вклучувајќи го својот син Ахмед во магичниот свет на изработка на уд уште од неговите најрани денови, мајсторот Сукар дава бесценет придонес за да живее овој занает и културно наследство за идните генерации.
Во разговор со Анадолу, Ибрахим Сукар раскажа дека неговата приказна со удот започнала уште во студентските денови, како хоби.
Сеќавајќи се на почетоците кога се занимавал само со поправки, а со текот на времето се насочил кон производството, тој вели: „Првите чекори во професијата ги направив со поправање на оштетените удови. Подоцна, таа љубов се продлабочи, па започнав да создавам сопствени удови од Алепо со многу понапредни карактеристики“.
Сукар раскажa дека станал професионалец во процесот на производството на инструментот уште за време на студентските години, па набрзо започнал и комерцијално да го работи овој занает во Сирија и Либан.

Неговите инструменти најпрво биле претпочитани од музичките академии и разни други институции во Дамаск, но Сукар вели дека набрзо пристигнале и големи нарачки од Европа, како и од многу арапски земји.
Обрнувајќи внимание на уникатната природа на овој инструмент, Сукар вели: „Удот од Алепо има сосем поинаква душа од стиловите во Ирак, Египет, Турција, Дамаск и Мароко. Овој инструмент е поврзан со културниот и уметничкиот идентитет на Алепо и има посебно место со својата уникатна мелодиска структура, како и бојата на тонот“.
Истакнувајќи дека неговата цел е да ја пренесе професијата на идните генерации, Сукар рече: „Мојот брат Наим, мојот ученик Хиџази кој работи со мене долги години, и мојот син кој студира машинско инженерство, растат во овој процес“.
„Сакам да ја развивам традицијата на изработка на уд во Алепо зачувувајќи ја со научен пристап, да ја осигурам одржливоста на оваа уметност и да придонесам за нејзиното ширење низ светот.“

„Овој занает го научив благодарение на татко ми. Пораснав следејќи ја неговата работа уште од мал и чекор по чекор стекнував искуство. Мојот интерес за оваа работа започна во детството, а татко ми секогаш ме охрабруваше“, вели Ахмер Сукар кој работи рамо до рамо со татко си во нивната работилница.
Споделувајќи дека паралелно со факултетот неуморно доаѓа во работилницата, Ахмед додава: „Сега сум трета година на студии. Продолжувам со моето образование, а секое слободно време го поминувам тука, работејќи со татко ми. Тој постојано ме учи на нови тајни на занаетот и ми помага да напредувам.“
Ахмед раскажа дека уште од мали нозе татко му го носел во работилницата каде што работел - внимателно ја следел работата на мајсторите од кои учел за изработката на инструментите како што се удот, канонот и бузукито.
Раскажувајќи дека неговото учење сè уште трае, тој додава: „Сè уште продолжувам да учам покрај него. Одам чекор по чекор за да ја научам професијата од почеток до крај на најдобар можен начин и да станам мајстор.“
news_share_descriptionsubscription_contact


