Со првите горештини пченичните полиња во Анталија се претвораат во шарени „полиња од килими“
- Овие килими и черги се изложуваат на топлата клима на Анталија во текот на целото лето и се превртуваат од една на друга страна за да се обезбеди рамномерна сончева светлина за боите да добијат попастелни тонови
Süleyman Elcin
25 Јуни 2026•Ажурирано: 25 Јуни 2026
photo: Orhan Çiçek / AA
АНТАЛИЈА
Рачно ткаените килими и черги, собрани од различни региони на Турција, почнаа да се постилаат на полињата во околијата Дошемеалти во Анталија, кои останаа празни по завршувањето на жетвата на пченицата, јавува Анадолу.
Во Дошемеалти, регион надалеку познат по уникатните рачно изработени килими што се ткаат на автентични разбои со природни бои добиени од корења на растенија, по жетвата на полињата се случува поинаква раздвиженост.
Рачно ткаените килими и черги, донесени од разни делови на Анадолија, најпрво се перат и сушат во тамошните објекти, а потоа вредните раце на мајсторите работат на нивната обнова.
За боите да добијат попастелни тонови под влијание на сончевата светлина, килимите се постилаат на полињата каде што е завршена жетвата на пченицата. Кога времето е врнежливо, килимите и чергите се внесуваат во магацините, а во сончевите денови повторно се постилаат на полињата.
Фотографија : Orhan Çiçek/AA
Овие килими и черги се изложуваат на топлата клима на Анталија во текот на целото лето и се превртуваат од една на друга страна за да се обезбеди рамномерна сончева светлина.
Од септември почнуваат да се собираат килимите, се чистат од прав, се перат, а потоа се праќаат во различни земји, пред сè, во САД и Велика Британија.
- „Цел ни е живите бои на килимите да ги направиме пастелни“ -
Ајше Акбаба, одговорна менаџерка во компанијата што тргува со рачно ткаени килими, за Анадолу вели дека килимите остануваат послани на полињата околу три месеци.
Акбаба раскажа дека секое утро доаѓаат на полето и почнуваат да ги редат килимите.
Фотографија : Orhan Çiçek/AA
„Цел ни е да живите бои да ги претвориме во пастелни тонови. Освен тоа, бидејќи се изложени директно на сонце, молците и другите инсекти не може да им наштетат. Сите килими се исклучително вредни. Поголем дел се рачно ткаени со природни бои и по третманите овде се праќаат во странство.“
Таа посочува дека откако ќе ги постелат килимите на полињата, пречекуваат голем број посетители. Акбаба додаде: „Луѓето постојано ме прашуваа на социјалните мрежи: 'Кога конечно ќе ги постелете?' Штом започнавме, полињата се исполнија со вљубеници во фотографијата, но и со млади невести и младоженци што сакаат тука да ги овековечат своите најубави моменти. Нивната среќа ја топли и нашата душа.“
- „Постои голем интерес од странство“ -
Недим Туран, сопственик на компанија за трговија со килими во Истанбул, изјави дека килимите што ги собира од разни делови на Анадолија ги носи во Дошемеалти и ѝ ги дава на локалната фирма за да ги постеле на полињата.
Фотографија : Orhan Çiçek/AA
Објаснувајќи дека килимите остануваат на полињата околу три месеци, Туран посочи: „Во септември ги собираме килимите оттука и ги носиме во нашата продавница во Истанбул. Оттаму ги праќаме до нивните обожаватели во странство. Најголем интерес има од САД, Велика Британија, Австрија, Шведска, Норвешка и Германија.“
Ајше Јонга, која дошла од Адана специјално за да фотографира, сподели дека овие полиња со килими ги гледа како една од најважните културни вредности на Турција.
Споделувајќи колку длабоко ја допреле овие шарени пејзажи, Јонга со восхит констатира: „Да се биде тука и да се фотографира оваа убавина ме направи бескрајно среќна. Ме врати во некои стари, убави времиња. Верувам дека фотографиите што ќе ги споделам на моите социјални мрежи ќе допрат до срцата на многу луѓе.“