Abdula Berisha
15 Октомври 2019•Ажурирај: 17 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Сојузот на слепите во Република Северна Македонија го одбележа 15 октомври – Меѓународниот ден на „Белиот стап“, признаен од Обединетите нации (ОН) како симбол на слепите лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Националниот сојуз на слепите организираше тркалезна маса насловена „Договорот од Маракеш – придобивки за лицата кои не можат да читаат стандарден печат“, на која присуствуваа Спасе Додевски, национален координатор за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, заменик-министерот за труд и социјална политика, Гонул Бајрактар, како и претставници на други институции.
Секретарот на Националниот сојуз на слепите, Стерја Димов, рече дека Меѓународниот ден на слепите - 15 октомври се одбележува во повеќе од 184 земји низ светот. Во изјава за медиумите, тој исто така зборуваше и за проблемите со кои се соочуваат лицата со оштетен вид и за барањата на Сојузот на слепите.
„Има огромен број проблеми со кои се соочуваат. Треба многу нешта да се преземат. Првенствено, тоа што ние го бараме е еден рехабилитациски центар за слепите лица, да биде под државна капа и да ги поддржува сите оние кои подоцна може да го изгубат видот“, рече Димов.
Димов рече дека доколку Договорот од Маракеш биде ратификуван во Република Северна Македонија, тоа би значело дека лицата со оштетен вид ќе можат да добијат аудиокниги и книги со Брајова азбука.
Говорејќи за тешкотиите во движењето и потребната инфраструктура за лицата со оштетен вид, тој рече дека законите се добри, но дека мора да се спроведат, повикувајќи ги локалните институции да се придржуваат до законот при градење или поправка на улиците и патеките.