Bojana Stojanovic
14 Октомври 2019•Ажурирај: 15 Октомври 2019
БЕЛГРАД (AA) - Претседателот на Големото народно Собрание на Турција (ТБММ) Мустафа Шентоп во Белград изјави дека Турција ја изведува операцијата „Извор на мирот" со една цел, а тоа е да се спречи делувањето на терористите, јавува Anadolu Agency (AA).
„Јас би зборувал за операцијата „Извор на мирот" чија единствена цел е да се спречи делувањето на терористите", рече Шентоп на дебатата во текот на заседавањето на 141. Интерпарламентарна унија во Белград.
Тој објасни дека Турција има 911 километри граница со Сирија, но дека за жал нема контрола над својата територија, како и дека тоа го користат некои терористички организации.
Шентоп рече дека вооружената фракција на ПКК покрена повеќе од 100 вооружени акции, додека Турција „трпеливо ги испробувала сите опции, освен војна". За жал, како што рече, ПКК не е отстранета од Сирија.
„Поради тоа, немавме друга опција туку да интервенираме, тоа ќе придонесе не само за мирот во регионот, туку и во вкупниот дел на Сирија, што е овозможено и со Меморандумот кој претходно е потпишан помеѓу Турција и Сирија", додаде Шентоп.
Според него, Турција направила сѐ за да го спречи тероризмот.
„Ќе направиме уште повеќе тероризмот да го држиме надвор од своите граници", рече Шентоп.
Тој оцени и дека не е „искрено, рационално, ниту праведно", да се коментира операцијата на Турција, додека некои земји како Франција исто иинтервенираат против терористите, а никој не ги осудува.
„Ние во Турција очекуваме остатокот од светот да застане на наша страна и шокирани сме некој да застанува на страна на терористите", изјави Шентоп.
Тој порача и дека ставот на Турција е да го поддржува меѓународното право.
Претседателот на Големото народно Собрание на Турција, Мустафа Шентоп, оцени и дека сега се присутни двојни аршини на меѓународните организации, бидејќи се напаѓаат Авганистан и Ирак, а Израел никој не го напаѓа.
Како што рече, таквите двојни аршини, го нарушуваат и исцрпуваат кредибилитетот на меѓународните организации и сега луѓето бараат нов поредок.
„Ние во Турција, веруваме дека тој нов светски поредок ќе се воспостави наскоро и ги повикуваме сите држави и народи во него, бидејќи светот не е одржлив со двојните аршини и неправди", изјави Шентоп.
Шентоп порача и дека надворешната политика на Турција претставува пример, бидејќи во неа има повеќе од 3,6 милиони Сиријци, Арапи и Курди, а е земја која највеќе хуманитарна помош пружила во претходните две години.
Исто така, тој изрази надеж дека и заседавањето на 141. Интерпарламентарна унија која до 17 октомври се одржува во Белград ќе биде успешна.