Обработени над 96 проценти од гласовите на повторените локални избори во Северна Македонија
Во Северна Македонија денес се одржаа повторените избори за градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше, како и Центар Жупа
СКОПЈЕ (АА) - Според првичните, неофицијални резултати на Државната изборна комисија (ДИК) за повторените локални избори во четири општини во Северна Македонија, Националната алијанса за интеграција (НАИ) е победник во општините Гостивар и Врапчиште, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Маврово и Ростуша, а Демократската партија на Турците (ТДП) во Општина Центар Жупа, пренесува Анадолу.
Според обработените над 96 проценти од гласовите, Валбон Лимани (НАИ), кој досега има обезбедено 61,52 проценти од гласовите, е победник во Општина Гостивар, додека неговиот противкандидат од коалицијата Вреди, Невзат Бејта, освоил 30,29 отсто од гласовите.
Исен Шабани (НАИ) со 61,59 проценти од гласовите добива нов мандат во Општина Врапчиште.
Маврово и Ростуша ќе ја води Онер Јакуповски (Коалиција „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ) со 65,61 проценти од досега избројаните гласови.
Аријан Ибрахим (ТДП), кој беше единствен кандидат во трката за градоначалник, со освоени 97,01% гласови, ќе ја води Општина Центар Жупа.
Во Северна Македонија денес се одржаа повторените избори за градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше, како и Центар Жупа.
Во Гостивар се регистрирани 82.870 граѓани со право на глас, во Маврово и Ростуше 10.575 граѓани, во Врапчиште 27.279 граѓани, а во Центар Жупа 7.562 граѓани.
Според најновите податоци од ДИК, излезноста на гласачите во Гостивар била 30,44 проценти, во Врапчиште 32,37 проценти, во Маврово и Ростуше 28,51 проценти и во Центар Жупа 13,26 проценти.
ДИК во текот на утрешниот ден треба да ги објави првичните официјални резултати, по добивањето на записниците од избирачките места.
Повторувањето на локалните избори во овие четири општини се случи откако минималниот праг на излезност на граѓаните или една третина од регистрираните гласачи не беше достигнат во првиот круг од локалните избори, одржани на 19 октомври.
Според Изборниот законик, за овие општини беше започната нова изборна постапка и беше одлучено повторните избори да се одржат денес, на коишто не е потребен цензус, туку само победничкиот кандидат да собере повеќе од половина од гласовите на граѓаните што гласале.
