политика, Балкан

Во Северна Македонија се одржуваат повторени избори за градоначалници во четири општини

Во Гостивар во Избирачкиот список се регистрирани 82.870 граѓани со право на глас, во Маврово и Ростуше 10.575, во Врапчиште 27.279 и во Центар Жупа 7.562 граѓани

Dzihat Aliju  | 11.01.2026 - Обновена : 11.01.2026
Во Северна Македонија се одржуваат повторени избори за градоначалници во четири општини Фото: АА/Архива

СКОПЈЕ (АА) - Денес се одржуваат повторени избори за градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше, како и Центар Жупа, јавува Анадолу.

Болните и изнемоштените лица, како и лицата во затворите регистрирани во Избирачкиот список во овие општини, своето право на глас го искористија вчера, на 10 јануари.

Во Гостивар во Избирачкиот список се регистрирани 82.870 граѓани со право на глас, во Маврово и Ростуше 10.575, во Врапчиште 27.279 и во Центар Жупа 7.562 граѓани.

Во Општина Гостивар кандидати за градоначалник се Невзат Бејта од коалицијата ВЛЕН и независниот кандидат Валбон Лимани, поддржан од Националната алијанса за интеграција (НАИ).

Во Врапчиште, кандидати за градоначалник се Исeн Шабани од НАИ и Зулхајрат Демири, поддржан од група избирачи.

Во Центар Жупа има само еден кандидат за градоначалник, Аријан Ибраим од Демократска партија на Турците.

Во Маврово и Ростуше има двајца кандидати: Онер Јакупоски, поддржан од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и Анес Ахмети, кандидат на СДСМ.

- Во четири општини во првиот круг не беше достигнат минималниот праг на излезност -

Првиот круг од локалните избори во Северна Македонија се одржа на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.

Во овие четири општини не беше достигнат минималниот праг на излезност во првиот круг и во согласност со Изборниот законик започна нова изборна постапка.

Според Изборниот законик, на повторените избори не се бара учество од една третина од гласачите.

За да се избере градоначалник потребно е за еден од кандидатите да гласаат повеќе од половината од излезените гласачи. Ова се однесува и на Центар Жупа, каде што има само еден кандидат.

Во Гостивар во првиот круг излезноста изнесуваше 33,31 отсто, во Врапчиште 25,18 отсто, во Маврово и Ростуше 30,31 отсто и во Центар Жупа 21,49 отсто.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.