Над 20% е излезноста на локалните избори во Северна Македонија до 13 часот
Најголема излезност до 13 часот имаше во општина Чашка со 40,74%, по кој следат Македонски Брод со 34,02%, Крушево со 33,88% и Вевчани со 33,76%.

СКОПЈЕ (АА) - Според сајтот на Државната изборна комисија (ДИК), до 13 часот излезноста на гласање на локалните избори во Северна Македонија изнесува над 20%‚ известува Анадолу.
Интернет страницата на ДИК во живо ги надградува податоците за излезноста на гласањето на локалните избори во северна Македонија.
Според дадените податоци, до 13.00 часот гласале повеќе од 20% од граѓаните со право на глас на Северна Македонија, односно 360.208 гласачи.
Најголема излезност до 13 часот имаше во општина Чашка со 40,74%, по кој следат Македонски Брод со 34,02%, Крушево со 33,88% и Вевчани со 33,76%.
- Локални избори 2025
Ова се осми локални избори во Северна Македонија, по оние во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година, и се сметаат за важен тест за политичките сили во пресрет на претстојните парламентарни избори.
Граѓаните своето граѓанско право ќе можат да го остварат на гласачките места од 07:00 до 19:00 часот, на вкупно 3.480 избирачки места низ целата земја.
Државната изборна комисија (ДИК) објави дека на овие локални избори право на глас имаат 1.832.415 граѓани, кои ќе бираат 80 градоначалници и членови на општинските совети низ целата земја и градоначалник на Градот Скопјe и членови на Градскиот совет на Скопјe.
На локалните избори за функцијата градоначалник се натпреваруваат 309 кандидати. За членови на општинските совети се поднесени 576 листи со вкупно 10.490 кандидати.
Вкупно 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидати учествуваат на овие локални избори.
Државната изборна комисија соопшти дека за следење на овие избори се акредитирани вкупно 1.451 набљудувач, 807 домашни, 644 странски набљудувачи и 12 странски новинари.
По гласањето што ќе се одржи денес ќе следи втор круг на гласање кое е закажано за 2 ноември, во оние општини во коишто ниту еден од кандидатите не успеал да го освои потребното мнозинство во првиот круг. Во вториот круг на гласање за градоначалник ќе биде избран кандидатот кој ќе освои поголем број гласови.
Доколку и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.
Советници се избираат во првиот круг од изборите и притоа се употребува пропорционалниот модел, при што распределбата на мандатите се врши по Д’Хондтовата формула.