Admir Fazlagic
28 Октомври 2017•Ажурирај: 29 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - На полноќ заврши изборната кампања за вториот круг од локалните избори во Република Македонија што ќе се одржат утре, на 29 октомври, јавува Anadolu Agency (AA).
Денеска, ден пред изборите, своето право на глас можат да го остварат лица во казнено-поправните домови и лица кои се во притвор, внатрешно раселени лица, како и немоќните и болни кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.
Ќе гласаат 939 лица во 13 казнено-поправни установи, 1.435 болни, изнемоштени и лица кои се во куќен притвор, како и осум гласачи кои се водат како внатрешно раселени.
Внатрешно раселените лица гласаат во колективните домови и прифатните центри каде што се сместени, болните и немоќните лица во нивните домови, а избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор гласаат во местото каде ја издржуваат мерката куќен притвор.
Гласањето и денеска и утре на денот на изборите почнува во седум и ќе трае до 19 часот.
Вториот круг од локалните избори ќе се спроведе во 35 општини, на 1.517 избирачки места каде право на глас имаат 833.710 граѓани.
Во скопските општини Бутел, Кисела Вода, Гази Баба, Сарај, Шуто Оризари и Чаир, право на глас имаат 260.194 граѓани, кои ќе гласаат на 387 избирачки места.
Во останатите 29 општини во Македонија во вториот круг можат да гласаат 573.616 граѓани на 1.130 избирачки места.
Во вториот круг учествуваат 70 кандидати за градоначалници.
Првиот круг од изборите се одржа на 15 октомври кога се избраа членовите на советите, градоначалник на Град Скопје и градоначалници на 45 општини.
- МВР: Во првиот круг од локалните избори немаше посериозни нарушувања
„На гласањето во првиот круг од локалните избори немаше посериозни нарушувања на јавниот ред и мир“, информираше Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.
Ова се шести локални избори во Република Македонија по нејзиното осамостојување – првите се одржаа во 1996 година, потоа во 2000, во 2005, во 2009 и последните во 2013 година.