Ekipa
31 Октомври 2016•Ажурирај: 31 Октомври 2016
КИШИЊЕВ (АА) - Претседателските избори во Молдавија одат во втор круг откако по вчерашните избори никој од кандидатите не освои мнозинство гласови, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според резултатите од гласањето објавени рано утрово, од вкупно девет кандидати за функцијата претседател, прорускиот кандидат Игор Додон освои 48,26 отсто од гласовите, додека неговата ривалка, проевропската кандидатка Маја Санду доби 38,42 отсто.
Бидејќи не е обезбедено мнозинството, вториот круг од гласањето следи на 13 ноември и ќе одлучи меѓу Додона или Санду.
Инаку, вчерашните претседателски избори во Молдавија беа први од овој вид во последните 20 години, односно од 1997 година, кога шефот на државата беше биран со општо право на глас.
Многу аналитичари велат дека со овие избори Молдавците ќе ја одредат позицијата на нивната земја на крстопатот кон Европската Унија или пак таа поранешна советска република ќе биде „вратена во руската орбита“.
Додон, кој се залага за блиски врски со Москва, претходно изјави дека треба да се вратат пријателските односи со Русија.
Санду, од друга страна, пак, се залага за Европската Унија (ЕУ), а довербата на граѓаните ја стекна претходно, кога ги спроведе реформите во Министерството за образование.
Политичката и економска криза во Молдавија започна во 2014 година, кога во пресрет на парламентарните избори од три државни банки „исчезнаа“ повеќе од една милијарда долари. Уследија масовни демонстрации и судири на граѓаните со полицијата.
Со тоа кулминираше долгогодишното незадоволство на граѓаните на Молдавија, која е најсиромашна европска земја. Податоците од Светската банка покажуваат дека речиси 41 процент од населението живее со пет долари дневно.