Admir Fazlagic
04 Септември 2017•Ажурирај: 04 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Над 20.000 првачиња денес го започнаа првиот школски ден во новата 2017/2018 учебна година, која наместо традиционално на 1 септември, со одлука на Министерството за образование и наука почнува денес, јавува Anadolu Agency (AA).
Бројката на запишани првачиња, според податоците со коишто досега располага Министерството за образование и наука (МОН), изнесува 20.437.
Во Скопје, од вкупно 10 општини, досега се пријавени 6.159 првачиња.
Во средните училишта запишани се вкупно 17.131 ученик. Во двата уписни рока во скопските средни училишта запишани се 6.496 ученици, а во другите општини, бројот на запишани изнесува 10.635.
Поголем интерес имало за стручното образование, каде што се запишани 9.983 ученици, а за гимназиско образование се одлучиле 6.703.
Во скопските гимназии се запишани 2.768, а во стручните училишта 3.407 ученици.
Во гимназиското образование во другите општини запишани се 3.935 ученици, а во стручните училишта во другите општини има 6.576 новозапишани ученици.
Во уметничко образование се запишани вкупно 224 ученици, од кои во Скопје 148, додека во спортска гимназија 221 ученик, од кои во Скопје 173.
Од Министерството за образование и наука наведуваат дека конечниот број на основци и средношколци ќе го имаат кон средината на септември, по комплетирањето на податоците во координација со општините.
- Честитка од министерката за образование и наука: Посака успех во учењето и работата
Министерката за образование и наука, Рената Треневска Дескоска, упати писмо до учениците и наставниците во коешто им го честита почетокот на новата учебна година, посакувајќи им успех во учењето и во работата.
„Пред Вас е нова страница од Вашиот живот, непозната, но возбудлива. Влегувате во светот на магичните букви и бројки, во светот на нови знаења и нови пријателства. Откривајќи ги тајните на учењето, ќе откриете дека училиштетото е едно големо магично игралиште, коешто чека да биде освоено, бидејќи со секое искачено скалило ќе дознавате нови работи и ќе постигнувате нови успеси“, се наведува во писмото на министерката Треневска Дескоска.