Admir Fazlagic
04 Септември 2017•Ажурирај: 04 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров. ќе учествува на неформалниот состанокот на министрите за надворешни работи од земјите-учеснички на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и Бледскиот стратешки форум, кој ќе се одржи утре во Словенија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Во рамките на редовните активности на претседавањето со Процесот за соработка во ЈИЕ на Словенија, делегација од Република Македонија предводена од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на 5 септември 2017 година, на Блед, ќе учествува на неформален состанок на министрите за надворешни работи од земјите-учеснички на ПСЈИЕ, како и на традиционалниот Бледски стратешки форум“, соопшти Министерството за надворешни работи на Република Македонија.
Според соопштението на МНР, на состанокот се очекува шефот на македонската дипломатија, Димитров, да ги изнесе погледите на Република Македонија во однос на актуелните случувања во регионот. Воедно, се вели во соопштението, се очекува Словенија да ги претстави приоритетите на нивното претседавање под мотото „SEE4FUTURE“, како и да бидат разменети мислења за годишната агенда на нивното претседавање.
Министерот Димитров ќе се обрати и на Бледскиот стратешки форум на темата „Западниот Балкан и проширувањето на ЕУ“ и ќе оствари повеќе билатерални средби за време на неговиот престој на Блед.