Bekim Laci
04 Септември 2017•Ажурирај: 05 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Асоцијацијата на секундарни суровини и рециклатори (АССР) коишто работат во рамките на Стопанската комора на Македонија, денеска одржа прес-конференција, на којашто упатија повик до локалните власти и до другите државни органи преку различни форми да влијаат врз зголемувањето на свеста на граѓаните за потребата од рециклирање на отпадот, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот заклучок на АССР е дека Република Македонија заостанува во исполнувањето на националните цели за рециклирање на отпадот што останува од пакувањата, бидејќи до 2020 година, земјата мора да собере и да рециклира 60 отсто од отпадот од пакувањата, кој е еден од условите за членство во Европската Унија (ЕУ).
Претставникот на Асоцијацијата на секундарни суровини и рециклатори, Иво Брдароски, рече дека компаниите за рециклирање од почетокот на работата во 2011 година, во согласност со Законот за пакување и управување со отпад од пакување, успеаја да соберат и да испратат на рециклирање над 10 тони отпад, кој дотогаш завршувал на депонии, а во 2016 година оваа бројка стигнала до 25 тони.
Сепак, како што рече Брдароски, оваа бројка е далеку од она што Македонија го посакува, бидејќи според нивните пресметки, Македонија моментално рециклира само 25 проценти од отпадот.
„До 2020 година, на ниво на државата треба да собереме и да рециклираме 60 проценти од отпадот од пакување што се создава во нашата држава. За исполнување на овие национални цели, за коишто можам да кажам дека се сериозно високи, потребна е инвестиција во инфраструктурата и едукација на јавноста во однос на отпадното пакување“, изјави тој, додавајќи дека недостасува точната бројка за количината на отпадот од пакувањата, бидејќи постои отпад од пакувањата што не е евидентиран од системот, како што се пластичните шишиња што ги собираат физички лица и завршуваат надвор од земјата.
Љубчо Аврамоски од горенаведената асоцијација, во својата изјава за медиумите рече дека Законот за управување со отпад од пакување ги вклучува и локалните власти и општинските претпријатија, со кои има недостаток на соработка, а без чија помош не може да се реализира интегрираниот систем со отпадот.
„Процесот треба континуирано да тече, не трпи застој и бара континуирана ангажираност од страна на комуналните претпријатија и комуналните субјекти што се вклучени во овие активности“, рече Аврамовски.
Тој нагласи дека граѓаните почнале да ја препознаваат вредноста на отпадот, бидејќи сѐ повеќе се зголемува бројот на оние што собираат пластични шишиња, чија вредност за килограм од 5 се зголемил на 17 денари.
Под отпад од амбалажа се подразбираат остатоците од производите што ги консумираме, спакувани во пластика, хартија, конзерви, дрвени палети, стакло и тетрапак.
Во западноевропските земји, отпадот од пакувањата изнесува 150 до 250 килограми за жител годишно, но ова зависи од економската моќ, додека во регионот изнесува од 70 до 100 килограми.