Admir Fazlagic
16 Септември 2020•Ажурирај: 16 Септември 2020
СКОПЈЕ
Премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев во грчкиот главен град Атина учествуваше на панелот посветен на иднината на Западен Балкан на конференцијата магазинот „Економист“, при што истакна дека е потребно да се надминуваат отворените прашања и со дијалог и толеранција да се подобрува регионалната соработка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти прес-службата на Владата на Северна Македонија, премиерот Заев имаше свое обраќање на панел дискусијата во Атина, организирана како тркалезна маса со Владата на Грција и учесници од регионот на тема „Европа: Зајакнување на кохезијата во турбулентни времиња“ за брз и ефикасен излез од кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот (Ковид-19).
„Заедно се соочуваме со истите здравствени и економски предизвици, и само заедно можеме да ги надминеме, со поблиска соработка и со поголема солидарност. Затоа треба да продолжиме да инвестираме во добрососедски односи, да ги надминуваме отворените прашања со дијалог и толеранција и да ја подобруваме регионалната соработка“, истакна Заев.
„Најдобрата иднина за регионот на Западен Балкан е да се продолжи со евроатлантските интеграции, и ниту една друга опција не е алтернатива“, додаде премиерот Заев и потсети дека „Договорот од Преспа е одличен пример за успехот на дипломатијата и дијалогот и дека оконча едно отворено и тешко прашање кое траеше предолго."
„Резултатот од последните парламентарни избори во Северна Македонија покажува дека граѓаните знаат и да ги наградат политичарите кои донесуваат тешки одлуки кои се добри и од огромно значење за иднината на земјата и граѓаните. Потребна е силна политичка волја за да се решаваат сите деликатни прашања и тоа е охрабрувачка порака за Западен Балкан", рече Заев.
„Се надевам дека нашите постигнувања, договорите со Грција и Бугарија, се доволно инспиративни за лидерите во регионот да се посветат на негување на мирот и стабилноста, да ја зајакнеме регионалната соработка, да постигнеме поголем економски развој и да останеме до крај посветени на евроатланските интеграции“, потенцираше премиерот Заев.
Тој нагласи дека за него е од особено значење што неговото прво службено патување надвор од земјата во вториот мандат како претседател на Владата на Северна Македонија е работната посета на Република Грција, која освен учеството на конференцијата на „Економист“, вклучува и средби со премиерот Кирјакос Мицотакис и претседателката Катерина Сакеларопулу.
На конференцијата во Атина, од Северна Македонија учествуваат и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров, и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
На панелот посветен на Западен Балкан, во рамките на конференцијата, која оваа година е посветен на темата „Европа: Зајакнување на кохезијата во турбулентни времиња“, свои обраќања имаа и премиерот на Албанија Еди Рама, и поранешните министри за надворешни работи на Грција, Дора Бакојанис и Јоргос Кутрогалос.