Abdula Berisha
23 Ноември 2021•Ажурирај: 23 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во телефонски разговор за медиумите изјави дека 46 лица се загинати, а 7 се повредени во несреќата на автобусот со македонски регистарски таблички во Бугарија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Заев, заедно со министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и министерот за здравство, Венко Филипче, утрово заминаа за Софија, за одблизу да се информираат за несреќата.
Заев во телефонскиот разговор изјави дека „се случи страшна трагедија“, додавајќи дека според информациите кои ги има на местото на несреќата загинале 46 лица, додека 7 лица се во болница во Софија.
„Жално е што помлади од 18 години се 12 деца, а и другите се млади“, изјави Заев.
Министерот за надворешни работи, Османи, во изјава за бугарските медиуми пред влезот во болницата во Софија во која се сместени повредените лица, рече дека туристичката агенција е од Скопје и дека очекува повеќето од патниците да се од Скопје.
Потсетуваме дека автобусот со таблички на Северна Македонија се запали откако удри во бариера покрај патот на автопат во западна Софија, јави приватната телевизија НОВА.
Првичните извештаи говорат дека меѓу загинатите има 12 деца, а соопштено е дека автобусот тргнал од Истанбул вчера и влегол во Бугарија доцна синоќа.