Bakir Tiro
11 Октомври 2019•Ажурирај: 12 Октомври 2019
СПЛИТ (AA) - Колинда Грабар-Китаровиќ, претседателката на Република Хрватска, синоќа на сплитскиот стадион „Пољуд“ го следеше натпреварот од квалификациите за ЕУРО 2020 година помеѓу фудбалските репрезентации на Хрватска и Унгарија (3 : 0), и по натпреварот даде скандалозна изјава за медиумите, пренесува Аnadolu Agency (AA).
Претседателката на Хрватска истакна дека била пресреќна поради резултатот, „но уште повеќе поради Далиќ и играчите, најмногу поради сите луѓе што се собраа во Сплит“.
Нагласи дека на стадионот во Сплит била цела Хрватска „од Вис до Купрес“, пишуваат „Спортски новости“.
Купрес е град во Босна и Херцеговина.
Бошњачкиот национален совет (БНВ) се огласи преку соопштение по повод изјавата на претседателката на Хрватска, осудувајќи ја изјавата како продолжување на нарушувањето на односите помеѓу двете држави.
„По синоќешниот натпревар помеѓу Хрватска и Унгарија на „Пољуд“, претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ изјави дека „дошла цела Хрватска, од Вис до Купрес“ со што очигледно алудираше дека и Купрес е дел од Хрватска, иако станува збор за територија на соседната држава, Босна и Херцеговина“, се наведува во соопштението потпишано од претседателот на БНВ во Хрватска, Армин Хоџиќ.
Во соопштението се наведува дека БНВ на Хрватска осудува такви изјави кои не придонесуваат за подобрување на соседските односи и наметнуваат медиумски дискурс на присвојување туѓи територии.
„За жал, во Република Хрватска тоа стана чест случај, што изјавата на претседателката на Хрватска само го потврдува. На пример, емисијата под називот „Низ убавата наша“ („Лијепом нашом“) се снима и во БиХ, меѓутоа уредниците во тоа не гледаат проблем“, се вели во соопштението.