Aşkın Kıyağan
19 Мај 2019•Ажурирај: 20 Мај 2019
ВИЕНА (АА) - Претседателот на Австрија Александер ван дер Белен, смета дека првите неколку дена во септември би биле најдобар период за одржување на предвремени избори, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ван дер Белен, по состанокот со канцеларот Себастијан Курц објави писмено соопштение во кое нагласи дека врз основа на уставните овластувања, започнале со подготовките за одржување на предвремени избори.
Австрискиот претседател смета дека е потребно да се направи сѐ што е можно за да се врати довербата во официјалните претставници, претставниците на народот.
„Упатувам апел, доколку е можно, изборите да се одржат на почетокот на септември“, рече Дер Белен.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц вчера соопшти дека е распуштена коалициската влада и повика на предвремени избори.
Курц потврди дека ја прифатил оставката на поранешниот вицепремиер и претседател на десничарската Слободарска партија (FPO), Хајнц-Кристијан Штрахе.
Штрахе поднесе оставка откако се објавија видеоснимки во кои беше откриено дека тој се состанал со богата Русинка, со цел некои државни тендери да ѝ се дадат на Русија, под услов да добие финансиска помош за неговата партија.