Stipe Majic
05 Октомври 2018•Ажурирај: 06 Октомври 2018
ЗАГРЕБ (АА) - Претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, ја отвори осмата по ред конференција „Хрватска каква што ни е потребна“, посветена на екологијата и безбедноста, на која предупреди на локалните и глобалните еколошки опасности кои ѝ се закануваат на економијата, но и на безбедноста на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
По седум конференции на кои водечките хрватски експерти изнесоа пресек на состојбата и можните решенија во најважните сегменти на економијата, овој пат, конференцијата е посветена на екологијата и безбедноста.
Претседателката Грабар-Китаровиќ во воведното излагање рече дека екологијата и безбедноста станале неразделно поврзани и укажа на предвидувањата на Обединетите нации (ОН), според кои, поради климатските промени на планетата Земја, бројот на мигрантите, што во моментов изнесува меѓу 69 и 70 милиони, во наредните дваесет години би се зголемил на 200 милиони.
Зборувајќи за конкретните еколошки проблеми во Хрватска, претседателката го наведе проблемот со пластичниот отпад кој преку зимата се насобира на јадранските плажи, укажувајќи на тоа дека утврдила оти голем дел од тој отпад доаѓа од јужните јадрански држави, со кои започнала интензивна соработка за решавање на таквиот отпад.
Таа предупреди на потребата за заострување на законските санкции за сите оние кои отпадот од јахтите и бродовите во марините го фрлаат во морето, наместо да го остават на локациите што се предвидени за тоа.
За опстанокот на хрватскиот туризам, хрватската претседателка рече дека е многу важно Хрватска да се доживее како еколошки чиста дестинација.
Грабар-Китаровиќ истакна дека еколошката безбедност е поврзана и со природните ресурси како можни причини за конфронтација и судири меѓу државите, особено истакнувајќи ја водата за пиење како причина.
Таа предупреди и на пожарите, тајфуните и на топењето на ледот на поларната капа, укажувајќи на потребата за заедничко, глобално дејствување на сите земји.
„Наскоро би можеле да бидеме изложени на опасности од растот на нивото на морето, што претставува егзистенцијално прашање на многумина мали острови во светот, но и на некои хрватски острови и крајбрежни градови“, рече Грабар-Китаровиќ.
Таа изјави дека очекува до крајот на 2100 година, нивото на Јадранското Море да порасне за половина метар и да потопи делови од историските градови Сплит, Трогир или Дубровник.
Грабар-Китаровиќ изнесе податоци од научни истражувања во кои е утврдено дека масата на годишното светско производство на пластика е еднакво со вкупната маса на човековата популација.
Предупреди на проблемот со загадувањето на воздухот за жителите на Славонски Брод, порачувајќи дека причината за тоа лежи во рафинеријата за нафта во Босански Брод, сместена во соседната земја.
Таа рече дека во решавањето на овој проблем се вклучени хрватските и руските власти од највисоко ниво и властите од Република Српска.
На конференцијата се одржуваат две тематски излагања на тема „Политичка екологија и земена политика“ и „Заштита на водите како безбедносно прашање“. На панел-дискусиите учествуваат хрватски и странски експерти.