Admir Fazlagic
28 Декември 2017•Ажурирај: 28 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Стапија во сила итните мерки против загадувањето на воздухот, кои претходно ги донесе Владата на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Дел од итните мерки против загадувањето на воздухот се: ослободување од работните обврски на бремените жени и лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.
Мерките стапија во сила по добиените информации од УХМР за квалитетот на воздухот, кој последователно повеќе од два дена е надминат над дозволеното, односно над 200mg/m посебно на мерните станици во Лисиче, кај Ректоратот и во Тетово, каде достигна и до 600mg/m.
Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија (ЖСПП) овие мерки ги предлага согласно заклучокот на Владата на 40. седница во кои се предлага реорганизација на работното време, и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот.
Во мерките се препорачува Министерството за здравство да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува информации до Институтот за јавно здраве (ИЈЗ) за бројот на повици според дијагнозата на МКБ10, според полот, возраста, местото на живеење-општина, за времетраењето на алармантното загадување на воздухот на дневна основа.
Во мерките се наложува Владата да ги задолжи сите органи на државната управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат до 50 проценти употребата на службените возила.
Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомниците, да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.
Инспектори на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) на терен вршат зајакнати контроли на правните субјекти што поседуваат А интегрирани еколошки дозволи (А ИСКЗ), соопшти Државниот инспекторат.
Овие активности се преземени како резултат на прагот на алармирање за надминувањето на вредноста од 200 микрограми на метар кубен на ПM10 честичките во воздухот, во текот на два последователни дена.
Меѓудругото, поради големата загаденост на воздухот Град Скопје донесе одлука за бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници.
Како што информираа од Градот Скопје, бесплатниот превоз ќе биде овозможен сѐ до моментот на намалување на загадувањето, за што јавноста дополнително ќе биде известена.