Fatjon Cuka,Furkan Abdula
27 Декември 2017•Ажурирај: 28 Декември 2017
ТИРАНА (АА) - Фатјон Цука/Фуркан Абдула-
Џамијата Намазгах која во главниот град на Албанија, Тирана, ја гради Турската фондација Дијанет (TDV) во соработка со Управата за верски работи на Република Турција, по завршувањето на изградбата ќе биде најголема џамија на Балканот, пишува Anadolu Agency (AA).
На поставувањето на камен темелникот во 2015 година присуствуваше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а се очекува џамијата да биде отворена кон крајот на 2018 година.
Координатор во советништвото за верски прашања при амбасадата на Република Турција во Тирана, Јасин Шенѓул, изјави дека се завршени крупните градежни работи како и градбата на четирите минариња со шерефи (балкон од каде што муезинот повикува на молитва).
Шенѓул додаде дека, меѓу останато, во тек се работите на изолацијата на објектот, и дека во голема мера е завршено обложувањето на џамијата со камен и олово.
Тој истакна дека работите се во полн ек, со цел изградбата на џамијата да биде готова до крајот на наредната година, која по завршувањето ќе биде најголемата џамија на Балканот.
Координаторот за верски работи истакна дека џамијата ќе може да прими истовремено околу 5.000 верници, односно 10.000 вклучувајќи го и надворешниот простор.
Според неговите зборови, во 1990-тите години се појави иницијативата за изградба на џамијата, која започна дури во 2015 година.
Тој додаде дека таа ќе биде подарок на Турција за браќата Албанци, а проценува дека трошоците за изградбата ќе достигнат и 30 милиони евра, и дека дел од средствата донирале и жителите на Турција.
Комплексот во џамијата ќе се состои и од работни соби, библиотеки, културен центар, паркинг, изложбен салон, кафетерија и конференциски сали. Покрај џамијата ќе биде изграден и музеј.
Во Тирана во 1950 година имаше 40 џамии, а денес има 18.