Stipe Majic
19 Ноември 2018•Ажурирај: 20 Ноември 2018
ЗАГРЕБ (АА) - Претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, денес го прими емирот на Катар, Тамим бин Хамад ал Тани, и во таа пригода се потпишани осум договори и меморандуми за соработка помеѓу двете земји на разни полиња, јавува Anadolu Agency (AA).
Билатералните и политичките односи меѓу двете држави се оценети како пријателски и позитивни, но укажано е на потребата од развој на контактите на сите полиња за можна соработка.
„Силно верувам дека развојот на билатералните односи со земјите од Заливот ќе биде од голема важност за Хрватска“, рече Грабар-Китаровиќ.
Таа порача дека Хрватска ја гледа иднината на соработката на полето на енергетиката, храната и прехранбената индустрија, градежната, здравствената, одбранбената индустрија и туризмот, како и во високата технологија.

Во 2017 година вкупната стоковна размена помеѓу двете земји изнесувала 63,9 милиони долари, што претставува пораст за 3,4 отсто во споредба со 2016 година, хрватскиот извоз изнесувал 62,9 милиони долари и пораснал за 16,39 отсто, додека увозот изнесувал околу милион долари и остварил пад поголем од 80 отсто во однос на претходната 2016 година.
Бројот на туристи е во пораст, а Хрватска во 2017 година е посетена од 5.000 Катарци, што претставува пораст од 365 отсто во однос на претходната година.
„Се надевам дека Катарците ќе гледаат на Хрватска како на сè попожелна дестинација, со оглед на тоа што важен дел од хрватските услужни индустрии имаат халал-сертификати“, рече Грабар-Китаровиќ.

„Одреден број Катарци ја посетуваат Хрватска, меѓу другото, и од здравствени причини и ние се надеваме деа бројот на катарски туристи во следните години ќе биде сè поголем“, рече катарскиот емир Тамим бин Хамад ал Тани.
Ал Тани истакна дека хрватските компании даваат голем придонес во развојот на Катар. Додаде дека со хрватската претседателка разговарале и за безбедносните предизвици во светот, како и за регионалните политики.
Хрватска сака да привлече инвестиции од Катар во областа на туризмот, особено здравствениот, во производството на храна и индустриското производство, одбранбената индустрија итн.

Катар е заинтересиран за инвестиции и проекти во туризмот, урбаниот развој, енергетиката и производството на храна, особено за вложувањата во марикултурата. Има простор за развој на односите во одбранбената индустрија, внатрешната безбедност, во спортот, прехранбената индустрија, енергетиката, со оглед на терминалот за течен природен гас на островот Крк.
Потпишани се вкупно осум договори на полето на културата, одбраната, образованието, научните истражувања, спортот и земјоделството.
Хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, го посети главниот град на Катар, Доха, во април 2017 година.