Ekipa
28 Јуни 2016•Ажурирај: 29 Јуни 2016
САН ФРАНЦИСКО (АА) - Германскиот производител на автомобили Волксваген (Volkswagen - VW) ќе мора да плати рекордни 13,6 милијарди евра на сопствениците на Волксваген возила, за да ја подмири тужбата, соопштија медиумите во САД, пренесува Anadolu Agency (AA).
Спогодбата Волксваген ќе го чини 4,5 милијарди евра повеќе од она што се зборуваше минатата недела. Воедно, тоа ќе биде најголема автомобилска програма за откуп во историјата на САД, како и најскап скандал во историјата на автоиндустријата. Спогодбата ќе биде регистрирана денеска во судот во Сан Франциско.
Минатата година, Агенцијата за заштита на животната средина објави дека возилата на Волксваген се опремени со софтвер кој дава неточни податоци на тестот за емисија на гасови. Овој софтвер е застапен во неколку модели на Волксваген со дизел мотори произведени во периодот од 2008 до 2015 година. Меѓу нив се наоѓаат и некои модели од Ауди и Порше, кои исто така се во сопственост на Волксваген.
По скандалот, поднесени се 600 тужби против Волксваген од страна на сопствениците на возила и министерството за правда на САД. Спогодбата, која ќе биде објавна во вторник, вклучува околу 500.000 сопствници на Волксваген возила.
Сопствениците на возилата ќе добијат во просек околу 4.500 евра, додека некои околу 9.000 евра. Во согласнот со договорот со секој од сопствениците на возилата, Волксваген ќе понуди откуп или поправка на моторот.
Од 13,6 милијарди евра, колку што ќе чини спогодбата, 2,45 милијарди евра се наменети за намалување на последиците по околината додека 1,8 милијарди евра за истражување на технологија за постигнување нулта стапка на емисија на гасови.