Stipe Majic
17 Септември 2019•Ажурирај: 18 Септември 2019
ЗАГРЕБ (AA) - Хрватска секојдневно е соочена со предизвици кои го ставаат во искушение системот на национална безбедност, рече хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ на првата Меѓународна конференција за национална безедност, на која учествуваа и хрватските министри и бројни домашни и странски експерти од подрачјето на безбедноста, јавува Anadolu Agency (AA).
„Мигрантските бранови од Африка и Азија, неизвесноста до кога Турција ќе ги држи мигрантите во своите граници нѐ држи во готовност за уште една потенцијална криза како што беше онаа од 2015 година. Тогаш не бевме подготвени. Хрватска денес ја штити својата граница. Ако дојде до нов мигрантски бран, овој пат ќе постапиме како одговорна држава која ги почитува своите граници и суверенитетот и се грижи за безбедноста на цела Европа“, рече хрватската претседателка.
Таа смета дека е потребен ангажман и координирано дејствување на сите, со вклучување на јавноста и информираност на граѓаните.
„Го поздравувам донесувањето на упатствата за тоа како граѓаните би требало да се однесуваат во случај на земјотрес, но и во случај на терористички напади. Не дозволувајте го хибридното дејствување кое доаѓа од другите држави, бидејќи така се создава дестабилизација, деморализација, а тоа влијае и врз демографските движења. Тоа е еден од клучните елементи на националната безбедност“, порача Грабар-Китаровиќ.
Заклучи дека на Хрватска во скора иднина ѝ е потребен центар за кибернетика.
Министерот за одбрана на Република Хрватска, Дамир Крстичевиќ, оцени дека безбедносната ситуација во иднина нема да биде поедноставна.
„Единствено систематски можеме да се носиме со сето тоа. Поради тоа можеме да кажеме дека темел на успешен систем на националната безбедност е токму превенцијата. Тоа не е лесно, но на тоа мораме заедно да работиме бидејќи така спречуваме настанување на криза. Тоа е тешка задача и пред нас е уште многу работа“, заклучи Крстичевиќ.
Министерот за внатрешни работи на Хрватска, Давор Божиновиќ, оцени дека хрватската инфраструктура стана поранлива откако се појавија нови закани.
„Мигрантската криза во 2015 година означи пресвртница кога мигрантите тргнаа преку граница на пат кон Западна Европа. Пред само две години донесовме нова безбедносна стратегија“, рече Божиновиќ.
Тој најави дека Хрватска во следните шест години планира да деминира околу 50 километри квадратни годишно за територијата на Хрватска во потполност да биде исчистена од мини.
За таа цел најави дека Хрватска ќе користи средства од структурни и кохезивни фондови на Европската Унија (ЕУ), кои нудат над 128 милиони евра.