????? ????????
25 Ноември 2015•Ажурирај: 26 Ноември 2015
СКОПЈЕ (АА) -Во Скопје денеска започна одржувањето на дводневниот регионален семинар за управување со миграционите движења и борба против криминалните мрежи, јавува Anadolu Agency (AA).
Семинарот се одржува во организација на Амбасадата на Република Франција во Македонија.
“На семинарот присуствуваат учесници од сите земји каде поминува транзициската рута на мигрнатската криза. Тука сме да зборуваме и размислуваме кој е најдобриот начин да се одговори на оваа криза” , изјави француската амбасадорка во Скопје, Лоранс Оер, додавајќи дека се работи за регионален семинар организиран од страна на француската полиција, и тој ги обединува сите земји од Шенген просторот и на Европската Унија за да може да се направи размена на најдобрите практики, со цел да може да се одговори на оперативен начин на миграциската криза.
Оер истакна и дека на овој семинар, посветен на миграционите движења има учесници од Бугарија, Србија, Грција и Унгарија.
“Мигрантската криза нема само хуманитарни елементи има и криминогени, има луѓе кои имаат и такви мотиви” , рече Оер, истакнувајќи дека се работи за “мигрантска криза без преседан.”
Во официјалниот дел од семинарот се обрати и државниот секретар при МВР, Анастасија Илиевска која рече дека Република Македонија оперативно соработува со сите регионални земји и со земјите од Шенген зоната, поради неопходноста на носење правовремени решенија.
На семинарот се разговара за сите елементи на контрола меѓу земјите на регионот и земјите од ЕУ.
Присутни се и претставници од Фронтекс.
Помеѓу останатото, како едно од алтернативните решенија за спречување на голем наплив на бегалци и мигранти, беше спомната можноста за зајакнување на безбедносните контроли на турско-грчката граница, од каде бегалците и мигрантите се упатуваат кон Грција и продолжуваат да транзитираат низ балканските земји.