Abdula Berisha
17 Септември 2019•Ажурирај: 18 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Европскиот совет (ЕС), Доналд Туск, престојува во посета на Република Северна Македонија, каде што беше пречекан од премиерот Зоран Заев, јавува Anadolu Agency (AA).
На заедничката прес-конференција Заев рече дека го пречекал и дека ќе го испрати претседателот на ЕС со желба на состанокот на ЕС во месец октомври, Северна Македонија да добие датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ).
„Претседателот Туск ќе ја претседава таа за нас историска седница на Европскиот совет, на која што лидерите на државите членки на Европската Унија треба да ја потврдат оваа одлука. Затоа денеска детално го запознавме со сите наши напори кои ги направивме во изминатите две и пол години, но и во изминатите 15 години како држава кандидат за членство во Европската Унија“, рече Заев.
Премиерот на Северна Македонија, исто така истакна дека продолжуваат обврските за спроведување на понатамошните резултати, особено во владеењето на правото, за што Заев потенцираше дека напорите се прават во согласност со европските вредности и стандарди.
Претседателот на ЕС, Доналд Туск, рече дека напорите кои Северна Македонија ги направила во последните години се извонредни, додавајќи дека со потпишување на договорите со соседите, споменувајќи го и Преспанскиот договор со кој се реши спорот за името со Грција, земјата станала „шампион во политичка зрелост и рационализам“.
„Сакам да биде кристално јасно, во Брисел нема сомнеж за вашата политичка посветеност за владеење на правото и борбата против корупцијата. Се разбира, секој може во секое време и секаде да постигне повеќе, особено кога станува збор за спроведување, но ние многу добро знаеме дека вашата Влада е одлучна и доследна во ова“, рече Туск.
Претседателот на ЕС, исто така рече дека Северна Македонија е „најдобрата можна“ држава за која би им апелирал на лидерите на ЕУ „да го завршат својот дел, бидејќи Северна Македонија веќе го завршила нејзиниот дел“.
Премиерот Заев му се заблагодари на претседателот Доналд Туск за поддршката дадена за време на неговиот петгодишен мандат. Неговиот мандат истекува на 1 декември, а потоа со Европскиот совет ќе раководи премиерот на Белгија, Шарл Мишел.
Освен со премиерот Заев, претседателот на ЕС се сретна и со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.