Furkan Abdula
17 Септември 2019•Ажурирај: 18 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими на средба претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Кабинетот на претседателот на државата, на пријателската средба биле разменети мислења за севкупните состојби во Северна Македонија и во регионот, како и за аспирациите на државата за членство во Европската Унија.
„Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија во изминатите две години донесе тешки одлуки за многу чувствителни прашања, вклучувајќи ја Преспанската спогодба со Република Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, и спроведе суштински и темелни реформи во многу клучни области, со што ја потврди својата посветеност на евроинтегративниот процес," се вели во соопштението.
Исто така, во соопштението се наведува дека претседателот Пендаровски изразил очекување дека Европскиот совет во октомври ќе ги валоризира напорите на државата и ќе ја верификува 10-тата препорака на Европската комисија преку одредување датум за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија.
Во соопштението се нагласува дека почетокот на пристапните преговори, според Пендаровски, ќе биде силен импулс за натамошно реализирање на суштинските реформи во државата до нејзиното идно членство во Унијата, што ќе придонесе за севкупната стабилност и просперитет на државата и на регионот.
Се додава дека Пендаровски му се заблагодарил на Туск за неговата јасна и директна поддршка за европската иднина на Северна Македонија.
Во рамките на посетата на Северна Македонија, Туск се состана и со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, со кој ќе одржи и заедничка прес-конференција во Владата.