Ekipa
24 Мај 2016•Ажурирај: 25 Мај 2016
ПАРИЗ (АА) - За безбедноста на велосипедистите на овогодинешната велосипедска трка Тур де Франс ќе бидат задолжени 23.000 полицајци, вклучувајќи ги и специјалните одреди за интервенција. На овој начин Владата на Франција сака да ја зајакне безбедноста поради екстремистичките закани, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Франција е воведена вонредна состојба по терористичките напади во Париз на 13-ти ноември минатата година, во кои загинаа 130 лица. Благодарејќи на вонредната состојба војската ги обезбедуваше знаменитостите и верските објекти. Посебните мерки минатата недела беа продолжени поради Европското првенство во фудбал и велосипедската трка Тур де Франс.
Бернард Казнев, министерот за внатрешни работи денес се сретна со Кристијан Прудоме, генералниот директор на Тур де Франс, по што објави големи безбедносни мерки за овогодинешната трка.
Одржувањето на Тур де Франс традиционално е многу тешко бидејќи голем број навивачи неформално се собираат вдолж тесните планински патеки и градски улици, во текот на трката долга околу 3.500 километри.