Admir Fazlagic
17 Септември 2019•Ажурирај: 18 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на Автопатот Куманово - Табановце во камион со полуприколка пронашле 81 мигрант, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија, на 16.09.2019 година, во 23:00 часот, на Автопатот Куманово - Табановце полициски службеници дале знак за запирање на товарно моторно возило „ДАФ“ со скопски регистарски ознаки со полуприколка, но возилото не застанало.
„Набргу потоа, според пријавеното, на ул. „Железничка“, пред селото Черкезе, Кумановско, возилото излетало од патот. При преглед на возилото биле пронајдени 81 лице - мигранти од Авганистан, Индија, Бангладеш и Пакистан. Мигрантите се привремено сместени во Транзитниот центар Табановце“, се вели во соопштението.
Се додава дека се работи на расчистување на случајот.