Admir Fazlagic
11 Јануари 2018•Ажурирај: 12 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Солун одржаа средба, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Република Македонија, средбата се одржала во рамки на воспоставениот дијалог и консултации меѓу двете земји, насочени кон зајакнување на транспарентноста и меѓусебната доверба.
„На средбата министрите имаа добар разговор фокусиран на унапредувањето на билатералните односи и соработката во поширок контекст, поврзано со тековните Мерки за градење доверба", се вели во соопштението.
Исто така, се наведува дека министрите изразиле заедничко очекување дека на претстојниот состанок на 17 јануари 2018 година, личниот претставник на генералниот секретар на Обединетите нации, Метју Нимиц, ќе стави на маса инцијална рамка со која суштински ќе се напредне во надминувањето на разликата околу името.
„Министрите Димитров и Коѕијас разговараа за методологијата, за пристапот на двете страни, како и за рамката на процесот за надминување на разликата околу името, и се сложија да имаат подиректна улога во разговорите со цел надминување на разликата околу името", информираше Министерството за надворешни работи на Република Македонија.
Се соопштува и дека двајцата министри размениле мислења поврзани со Мерките за градење доверба и други подготовки околу следните средби на високо политичко ниво меѓу двете земји.