Admir Fazlagic
12 Јануари 2018•Ажурирај: 13 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска оствари средба со Жан-Кристоф Белиjард, заменик-генерален секретар на Службата за надворешни работи при ЕУ (EEAS), пренесува пренесува Anadolu Agency (AA).
Средбата се одржа во рамките на состанокот на политичките директори за европски прашања на земјите од Западен Балкан, чиј домаќин беше Министерството за надворешни работи на Република Македонија.
Како што соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Република Македонија, фокусот на разговорот беше ставен врз европските перспективи на Република Македонија и на земјите од регионот, а во пресрет на очекуваниот развој на настаните во рамките на Унијата во првата половина од 2018 година, објавувањето на Стратегијата на претседателот на Европската комисија, Јункер, за проширувањето на ЕУ во февруари 2018 година, извештаите на ЕК за напредокот на земјите во април 2018 и самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија за време на бугарското претседателство со Советот на ЕУ (мај 2018).
Министерот за надворешни работи на Македонија, Димитров, го запозна соговорникот со постигањата на Република Македонија во имплементацијата на внатрешните реформи и унапредувањето на добрососедските односи.
„И покрај секојдневните предизвици, охрабрен сум од реформското темпо во дел од клучните сектори на нашиот европски пат. Ја искористивме кризата за да пораснеме и пред нас е перспектива што не смееме да ја пропуштиме. Имаме можност за сериозен исчекор”, истакнал министерот Димитров.
Дополнително, министерот Димитров се осврнал и на плановите и очекувањата на Владата за периодот што претстои. Тој ја истакнал потребата од поддршка за Македонија од страна на европските лидери, институции, како и од и државите-членки, со цел постигнување на заложбите за отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ, информираат од Министерството за надворешни работи.