Bojana Stojanovic
20 Октомври 2017•Ажурирај: 21 Октомври 2017
БЕЛГРАД (AA) – Претседателот на Србија Александар Вучиќ, денеска на аеродромот во Батајница, каде што се одржа воената вежба „Слобода 2017“, по повод 73. годишнина од ослободувањето на Белград во Втората светска војна изјави дека новата техника, артилеријата и авионите на Војската на Србија не претставуваат никаква закана за кого било, туку се доказ дека Србија го цени животот на своите граѓани и оти ќе умее да ги заштити, јавува Anadolu Agency (AA).
„Србија сака да создаде силна и стабилна држава која на сите ќе им биде силен партнер и која ќе тежнее кон историски договор со Албанците, соседски живот со Бошњаците, добри односи со Хрватите и поголема поврзаност со Црногорците, рече претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Како што објасни тој, Србија не се плаши да преговара, но „никој не треба да помисли дека преговара бидејќи се плаши“.
„Војската на Србија секој ден е посилна и наскоро ќе биде многу подобро платена. Ние сме ослободена, независна и суверена земја, која сака да се занимава со себе и да работи, напредува и да се развива“, рече претседателот на Србија.
Претседателот Вучиќ по повод одбележувањето на 73. годишнина од ослободувањето на Белград во Втората светска војна, наведе дека денеска е голем ден за Белград и оти му се чини дека има „небеска правда", во фактот што Белград е ослободен токму на 20 октомври 1944 година, бидејќи три години претходно нацистичките окупатори стрелале и убиле илјадници луѓе.
„Од таа смрт и ужас се ослободивме на 20. октомври. Се надевам дека засекогаш се ослободивме од оној вид лудило коешто смета дека е оправдано да се убива во името на раса, нација или идеологија. Таквата филозофија веќе не важи, нема никогаш да ја прифатиме", рече Вучиќ и додаде:
„На денот кога војната заврши, порачуваме дека основната намера ни е повеќе никогаш да не продолжи. Сѐ ќе направиме за да се родат и да умрат генерации кои нема да паметат војна и кои ќе мислат добро за себе, а не лошо за другите, кои ќе почитуваат, а нема да потценуваат“.
Според неговите зборови, на Србија ѝ е потребна стабилност, како и раст и развој, а мирот е основниот услов за тоа.
На воената вежба, на која граѓаните можеа да видат повеќе од 2.200 припадници на Министерството за одбрана и на Војската на Србија, 30 авиони и хеликоптери, како и елитната единица составена од најдобрите војници, вооружени со најмодерно оружје „Проект 1500", присуствуваа и рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, министерот за одбрана, Александар Вулин, претседателката на Парламентот, Маја Гојковиќ, претседателот на ентитетот Република Српска, Милорад Додик и многубројни претставници на воениот и државниот врв на Србија, како и голем број граѓани.
По вежбата, Вучиќ и рускиот министер за одбрана Шојгу извршија примопредавање на авионите „миг“ што Србија ги набави од Русија, а кои денеска ѝ беа претставени на јавноста. Вучиќ изрази надеж дека соработката ќе се зголеми.