Kristina Maslareviç
16 Август 2016•Ажурирај: 16 Август 2016
БЕЛГРАД (АА) – Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, на заедничката конференција за медиумите со шведскиот премиер Стефан Левен, рече дека двете земји имаат исклучително добри политички односи, како и дека се надева оти економските односи коишто сега се на скромно ниво, ќе бидат подобрени и оти повеќе инвестиции од таа земја ќе доаѓаат во Србија, јавува Anadolu Agency (АА).
Вучиќ се заблагодари на Шведска за поддршката на Србија на европскиот пат. Тој рече дека европскиот пат е стратешка цел на Србија и дека Шведска е една од земјите што секогаш ја поддржувале Србија и е еден од нејзините клучни партнери. Премиерот Вучиќ додаде дека таа помош не е безусловна и дека Србија мора да се менува самата себеси, а притоа да се знае кои чекори се пред неа.
„Од унапредувањето на нашиот правен систем, демократизација на општеството, до економските реформи, ние тоа добро го знаеме и сме строги кон самите себе си, понекогаш построги и од ЕУ, а Шведска не врши притисок, туку секогаш се однесува како пријател, гледа како да ни помогне“, рече Вучиќ и додаде дека со колегата од Шведска разговарал „за виталните прашања, билатералните политички и економски односи, за европскиот пат на Србија и за регионалните и геополитички прашања, но и за чувањето на мирот во регионот“.
„Утврдивме дека е од клучно значење чувањето на мирот и стабилноста и дека тоа е основен услов за напредок на економијата и за подобар живот на Србија и на земјите во регионот“, рече српскиот премиер.
Премиерот на Шведска, Стефан Левен, ги пофали напорите на Владата на Србија и премиерот Александар Вучиќ за тоа што го прават за постигнување регионален мир и стабилност, а запрашан како гледа на состојбата во регионот, рече дека тој „не може да каже што треба да се прави за трајна стабилност во регионот, бидејќи тоа зависи од односите меѓу земјите во регионот, пред сѐ, економските“.
„Не сум јас тој што треба да ѝ каже на Србија како да работи, ние можеме да дадеме поддршка и ние го поддржуваме залагањето на Србија за да се постигне стабилност“, рече Левен.
Тој додаде и дека Шведска тежнее кон стабилност и дека затоа смета дека е потребна поширока перспектива, во смисла на стабилност за обичните граѓани во нивните секојдневни животи.