Abdula Berisha
23 Септември 2019•Ажурирај: 24 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Клубот на пратенички во Собранието на Република Северна Македонија во соработка со Националниот демократски институт организираше конференција за регионалната соработка во областа на унапредувањето на родовата еднаквост и борбата против говорот на омраза, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата, освен пратеничките од Собранието на Северна Македонија, присустуваа и пратенички од Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Претседателката на Клубот на пратенички, Ѓулумсер Касапи, рече дека имале плодни дискусии на двете теми, потенцирајќи дека и унапредувањето на родовата еднаквост и борбата против говорот на омраза се актуелни теми.
„Мислам дека говорот на омраза навистина нè опфати и нè загрижи во последно време, не само од страна на медиумите, особено социјалните мрежи, но и од претставници од политичките партии и од разни познати личности“, рече Касапи, додавајќи дека е донесен заклучок оваа година да биде прогласена за „Година на борбата против говорот на омраза врз жените“.
Претседателката на Комисијата за еднакви можности, Даниела Рангелова, рече дека со пратеничките на земјите од регионот размениле искуства во справувањето со проблемите со коишто се соочуваат жените.
„Освен овие теми, ќе се фокусираме на економското јакнење на жените, коешто е еден важен предуслов во борбата против семејното насилство, секако ќе ги опфатиме и жените во руралните средини, самохраните мајки, жените од текстилната индустрија, од кожарската индустрија, едноставно, ќе зборуваме во гласот на сите жени во нашата држава“, рече Рангелова.
Пратеничката Лилjана Поповска истакна дека пратеничките од сите парламенти на земјите од Западен Балкан усвоиле заклучок за формирање мрежа на пратенички.
„Денеска се формира балканска мрежа на парламентарки и како прва активност ќе биде пишување и упатување писмо до новоизбраниот комесар за евроинтеграција, на кој ќе му се обратиме со барање за забрзување на процесите за евроинтеграција на земјите од Западен Балкан, во интерес на мирот и стабилноста на регионот, во интерес на благосостојбата и квалитетот на живот на граѓаните на овие земји“, рече Поповска.