Zylfije Adem Jakupi
23 Февруари 2024•Ажурирај: 25 Февруари 2024
ПРИШТИНА (АА) - Во Собранието на Косово започна дводневната регионална конференција „Парламентаризмот и резолуцијата 1325: Перспективи од Западен Балкан“, јавува Анадолу.
Конференцијата ја организираше група пратеници на Собранието на Република Косово, со посредство на Националниот демократски институт (NDI) и со поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (USAID) на Косово, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) во Косово, како и Амбасадата на Канада во Хрватска и во Косово.
Меѓу учесниците на конференцијата се политички претставници и граѓански активисти од Албанија, Северна Македонија, Хрватска, Словенија и Србија, како и претставници на меѓународни организации.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, како специјален гостин на отворањето на конференцијата, истакна дека родовата еднаквост е камен-темелник за постигнување долгорочен мир и стабилност во земјите од регионот и пошироко. Таа рече дека улогата на жените во Косово е одлучувачка во придвижувањето на мирот и безбедноста.
„Во оската на историјата на нашиот народ, нашето Косово, во различни фази, како за време на мирниот отпор, така и за време на војната на Ослободителната војска на Косово и по војната во процесот на градење мир, во процесот на градење државност, дури и денес, додека ја зајакнуваме нашата позиција на меѓународната сцена, улогата на жената беше таа што ги промовираше мирот и безбедноста во нашата земја и пошироко“, рече Османи.
Османи потсети дека Косово било домаќин на Меѓународниот форум за жени, мир и безбедност во 2022 година, на кој учествуваа 500 претставници од десет земји од шест континенти, а второто издание на тој форум го најави во април годинава. Таа исто така изјави дека како резултат на ангажманот на пратениците во Собранието на Косово и сите партнери, Соединетите Американски Држави го избрале Косово како една од четирите земји од целиот свет каде што ќе се воспостави Регионалниот центар за извонредност за жени, мир и безбедност.
Османи оцени дека жените на глобално ниво играат одлучувачка улога во градењето на разбирањето и обезбедувањето дека мировните договори се долгорочни и стабилни, бидејќи носат уникатни перспективи, стратегии и решенија, кои често се занемаруваат во средини во кои доминираат мажи.
Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, истакна дека и покрај учеството на жените во политичкиот живот и во други области, нивниот број не е ни блиску до бројот на мажите и рече дека тоа мора да се промени. Коњуфца истакна дека главната цел на агендата за жените, мирот и безбедноста е да се позиционираат жените како еднакви партнери во сите области поврзани со мирот и безбедноста. Тој рече дека Косово е добар пример за вклученоста на жените, а нагласи дека жена е претседател на Косово.
Како што соопштија организаторите, целта на оваа конференција е да се промовира имплементацијата на Резолуцијата 1325, која се занимава со важната улога на Собранието во спроведувањето, следењето и промовирањето на женската агенда, како и улогата на Групата членови на Парламентот во овој процес.
Резолуцијата 1325 „Жени, мир и безбедност“ беше усвоена едногласно од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации на 31 октомври 2000 година. Оваа резолуција го препознава несразмерното и единствено влијание на вооружените конфликти врз жените и девојчињата. Резолуцијата повикува на усвојување на родова перспектива за да се земат предвид посебните потреби на жените и девојчињата за време на конфликт, репатријација и преселување, рехабилитација, реинтеграција и постконфликтно закрепнување.