Seyyid Emin
23 Септември 2019•Ажурирај: 24 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Под покровителство на Институтот „Јунус Емре“, во Скопје денес беше одржан настан за промовирање на програмите за вонредни студии на Универзитетот Анадолу, во чии рамки беше отворена и изложба на овој универзитет, јавува Anadolu Agency (AA).
Координаторот за Северна Македонија на Факултетот за вонредни студии при Универзитетот Анадолу, Булент Дервиш, во изјава за медиумите по повод настанот кој се одржа во просториите на Институтот „Јунус Емре“, истакна дека реализираат активности во Турција и во повеќе земји во светот, и дека во 2012 година почнале да ја спроведуваат стратегијата на отворање преставништва и на Балканот.
Дервиш информираше дека со активности најпрвин започнале во Северна Македонија, Косово, Бугарија и во Албанија, а потоа и во Молдавија, Србија и Босна и Херцеговина. Како што истакна, Универзитетот ќе отвори преставништва и во Хрватска и Словенија.
Тој рече дека уписите продолжуваат до крајот на септември. „Студентите кои на приемниот испит добиваат одредени поени, добиваат право за упис“.
По завршување на уписите, нагласи Дервиш, започнува првиот семестар, додека по добивање на потребните шифри, студентите имаат можност наставата да ја следат преку книги, видео-материјали или во ПДФ-формат.
Дервиш нагласи дека во Северна Македонија имаат 140 активни и 450 пасивни студенти, и дека оваа година биле реализирани 100 нови уписи.
Директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Серхат Кула, укажа на важноста на студирањето на втор универзитет. „Доколку студентите кои студираат во регионот, имаат заинтересираност за еден посебен отсек, тогаш имаат можност да дипломираат преку вонредни студии“, рече тој.
Кула нагласи дека тие како институт планираат да отворат Академија за менаџирање на полето на културата.
„Како поддршка за тоа, проектот за вонредни студии на Универзитетот Анадолу е многу корисен за нас. Бидејќи отсеците како медиуми, туризам и угостителство, менаџирање на организации и менаџирање на брендови, имаат поврзаност со споменатата академија“, истакна Кула.