Zülfiya Yakup
24 Септември 2019•Ажурирај: 25 Септември 2019
ПРИШТИНА (AA) - Истражувачкиот институт за европски прашања и развој (RIDEA) денеска ја претстави студијата „Исчезнати лица и раселени лица во контекст на евентуален договор помеѓу Косово и Србија“, јавува Anadolu Agency (AA).
На претставувањето на студијата објавени се причините и аргументите зошто дијалогот помеѓу Косово и Србија треба да го опфати прашањето за исчезнатите лица во текот на вооружениот судир на Косово 1998-1999 година.
Истражувач од Институтот, Шпенд Воца, изјави дека Косово и Србија се должни да соработуваат во решавањето на прашањето за исчезнатите, бидејќи тоа е запишано и во Женевската конвенција и декларација, која предвидува размена на информации помеѓу страните за исчезнатите лица.
„Невозможно е, според анкетираните, да се градат добрососедски односи со Србија без решавање на случаите со исчезнатите лица. Нормализацијата на односите со Србија и процесот на помирување не може да се случи без дефинитивно решавање на прашањето за исчезнатите“, рече Воца.
Истовремено, истражувачка од Институтот, Албулена Јахја, наведе дека по прогласувањето независност на Косово во 2008 година, па до 2011 година, дошло до зголемување на повратниците во Косово, додека по 2011 година враќањето опаднало.
„Бројот на повратниците се зголеми веднаш по прогласувањето независност на Косово, додека по 2011 година, забележан е само пад на повратниците. Податоците од овој извештај и извештајот на УНХЦР покажуваат дека во 2018 година бројот на повратници бил најмал; имало само 327 повратници“, рече Јахја.
Некои од препораките на оваа студија кои би требало да бидат вклучени во дијалогот помеѓу Косово и Србија е Владата на Србија и надлежните институции да ја почитуваат примената на меѓународните стандарди во однос на исчезнатите лица, семејствата на исчезнатите да имаат право да ја дознаат судбината на своите роднини кои не се пронајдени и Косово и Србија да соработуваат за да се расветли судбината на исчезнатите.